Орце Ѓорѓиевски од ВМРО-ДПМНЕ денеска на прес-конференција рече дека се врши политичка хајка врз луѓето учесници во настаните од 27-ми април и дека неговата партија сочувствува со повредените пратеници и не се согласува со насилството, но во ситуација кога од затвор се ослободуваат тешки криминалци е неправедно било какво гонење на лицата учесници во немирите од 27-ми април.
– Сведоци сме како СДС при самото доаѓање на власт воспостави целосна контрола врз судството и обвинителството и започна да ослободува криминалци кои биле обвинети за тешки кривични дела. СДС впрочем го ослободи Агим Красниќи човек кој во 2004 година под опсада го држеше цело Скопје и беше затворен за цела низа на тешки криминални дела. СДС го ослободи Бајруш Сејдиу кој е осуден за редица тешки кривични дела. Исто така го ослободија и Велија Рамковски кој беше осуден на поголем број кривични дела, како и Сеад Рахиќ, брат на екс пратеникот на СДС Есад Рахиќ кој беше осомничен за растурање и продавање дрога, рече Ѓорѓиевски.
Тој рече дека Заев презел и обврска преку Тиранската платформа за ослободување на обвинетите во случајот „Монструм“.
– Побараа укинување на судската извршна пресуда против лицата кои извршија убиство на 5 млади лица на Смилковско езеро, случај кој е добро познат во јавноста како „Монструм“, чие судење и пресуди завршија не само пред кривичниот суд, туку беа потврдени и од Апелациониот суд. Доколку владата на СДС на слобода пушта затвореници кои се обвинети за тешки криминални дела тогаш не би било пречка и да ги пушти на слобода и лицата учесници во немирите од 27-ми април, рече Ѓорѓиевски.
Тој соопшти дека Извршниот Комитет на ВМРО-ДПМНЕ покренува иницијатива за итно и неодложно ослободување на лица кои извршиле одредени законски прекршувања во инцидентите пред и во парламентот на Република Македонија на 27-ми април 2017-та година.