Ѓорѓиев: Продавници и финансиска поддршка за винскиот туризам

Од:

Типски продавници со македонски вина ќе се отворат во атрактивни туристички места во Македонија. Дел од средствата ќе ги обезбеди Владата, а постапката за реализација на овој проект ќе почне на 1 август. Во првата фаза се планирани меѓу 15 и 20 продавници, а првата се очекува да биде отворена наредната година.

„Владата одлучи да спроведе нов проект кој ќе даде дополнителна поддршка на туризмот, но и ќе биде од директна корист за македонските компании. Идејата е добиена од стопанството, прифатена од Владата и почнува со реализација“, информира на денешната прес-конференција владиниот портпарол Александар Ѓорѓиев.

Продавниците ќе бидат сместени во централното градско подрачје во Охрид, Струга, Дојран, Крушево, Скопје, Битола, Маврово, Попова Шапка, Кожуф, Гевгелија, а како што истакна Ѓорѓиев, останува можноста и за други локации во наредниот период и дека се размислува во оваа прва фаза да се отворат и на двата аеродрома во земјата.

Владата ќе кофинансира дел од месечната закупнина на просторот, дел од внатрешно опремување на просторот за продажба и дел од платата на определен број вработени лица кои ќе работат во продавниците. Ѓорѓиев потенцира дека во моментов не е утврден износот на средствата со кој Владата ќе го поддржи проектот и оти тоа ќе биде утврдено по донесување на Програмата за финансиска поддршка на руралниот развој за 2013 година.

Реализацијата на оваа мерка почнува на 1 август со објавување јавен повик за избор на идејно решение за изгледот на внатрешноста на овие брендирани продавници при што ќе се води сметка тие да имаат препознатлив етно стил и функционалност на просторот за презентација и продажба на флаширано вино. По изборот на идејното решение ќе биде распишана постапка на која сите заинтересирани компании ќе може да се пријават да стопанисуваат со овие продавници.

„Со реализацијата на овој проект позитивно ќе се влијае на промоцијата на вината од домашно потекло, дополнително ќе се развие винската култура, ќе се зголеми продажбата на македонските вина, а истовремено ќе се создадат услови за промоција на домашните вина пред странските туристи кои ја посетуваат нашата држава кои се и фокус на оваа мерка“, истакна Ѓорѓиев.

Тој додаде дека придобивките од овој проект позитивно ќе се однесуваат на производителите на вино, на трговските компании, на туристичката понуда, како и на производителите на винско грозје.

Напоменувајќи ги мерките на Владата во туризмот, рече дека овој проект е еден од низата кои се конципирани во соработка со претставниците на производите и оти Владата ќе продолжи со поттикнување на винскиот туризам и преку реализација на проектот 100 винарии, поддршката на винариите за учество на саемски манифестации и низа мерки конкретно насочени кон афирмација на македонското вино и поддршка на производителите на вино.

Би можело да ве интересира

Универзалниот снабдувач избран без да се овозможи конкуренција, граѓаните ќе плаќаат милиони евра повеќе за струја

А1он

Влада: Веднаш по изборите да се подготват законски решенија за статусот на специјализантите по медицина

Штрајк на приватните специјализанти: Работиме 24 часа за 26.000 денари, а немаме ниту здравствено

Орце Костов

ДКСК: Владата и Апелациските судови не доставиле податоци за бројот на службени возила

Орце Костов

Влада: Одлука за кадровското решение во ЦУК на наредната седница

Студентите и вработените на ФИНКИ на протест пред Владата