Владата ќе исплати 5,5 милиони евра за поддршка и развој на селата, за купување земјоделска механизација и чистење канали, информира на денешната прес-конференција владиниот портпарол Александар Ѓорѓиев.
Тој појасни дека ќе бидат исплатени 2 милиони евра за поддршка на македонските села, односно ќе бидат реализирани 45 конкретни проекти во 37 општини. Средствата ќе се искористат за изградба на селски патишта не подолги од 1 километар, за селски мостови, пристапни патишта до нивите и пристап до земјоделско земјиште, како и за урбанизација на централните делови на селата. – Исплатата ќе се одвива сразмерно на изведувањето на проектот, по завршен проект ќе има комплетна исплата. Опфатени се сите општини од целата држава, без разлика на составот на населението, или пак политичката припадност на градоначалникот, истакна Ѓорѓиев.
Со три милиони евра земјоделците ќе бидат поддржани при купување механизација. Ѓорѓиев најави дека од август ќе бидат исплатени 1 милион евра на 200 корисници кои веќе ја имаат набавено механизацијата, а дека останатите 2 милиони евра ќе бидат исплатени на останатите 334 корисници по реализација на нивните набавки на механизцијата, согласно динамиката и доставувањето на документацијата, а најдоцна до октомври. Кофинансирањето е во висина од 50 проценти од трошоците за набавка на механизацијата, а исплатата се врши преку Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството со трансфер од Владата. Таа е неповратна помош од Владта. – Тоа е добра помош која извонредно значи за нивната работа, за нивната дејност, истакна владиниот портпарол.
Тој информира дека од оваа недела со полн интензитет почнува процес на чистење на каналите за наводнување и одводнување. – За два месеца, појасни, ќе бидат исчистени 70 километри канали во Скопскиот, Пелагоднискиот и Струмичкиот, Кочанскиот и Полошкиот регион, за што ќе бидат исплатени половина милион евра.
Тој потенцира дека со овие средства се исполнува уште едно ветување и додаде дека и во иднина ќе продолжи активната поддршка на земјоделскиот сектор пеку серија мерки и активности со цел подобрување на условите за нивна работа, обезбедување дополнителни можности за работа и добивање конкретна финансиска помош.