Пратеничката на СДСМ, Јована Тренчевска, на денешната седница за пратенички прашања го обвини Владата дека ги излажала транспортерите дека е решен проблемот со ограничувањето на престојот на возачите од Западен Балкан, вклучително и од Македонија, во земјите на Европската Унија.
Во отсуство на министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски, таа му постави прашање на заменик-министерот Зоран Димитровски, нагласувајќи дека проблемот сè уште создава сериозни пречки за транспортните компании. Според Тренчевска, дел од фирмите веќе размислуваат или започнале постапки за регистрација во други земји, како Бугарија и Хрватска, што, како што рече, значи губење приходи, работни места и одлив на капитал од државата.
Таа праша зошто Министерството во изминатите шест месеци, откако била позната новата одлука на ЕУ, не презело конкретни чекори и кој ќе понесе одговорност за штетата што ја трпат транспортерите и македонската економија.
Одговарајќи на прашањето, заменик-министерот Димитровски изјави дека во координација со сите земји кандидати од Западен Балкан подолг период се врши притисок во Брисел за промена на мерките што ги засегаат транспортерите.
„Конечно, на 11 февруари беше формирана група и беа изнесени околу 50 предлози. Засега нема разбирање од земјите членки, но тоа не значи дека работата е завршена“, рече Димитровски.
Тој додаде дека мерките не ги засегаат само земјите кандидати од Западен Балкан, туку и одредени земји членки на ЕУ, од кои некои веќе реагирале на ваквите ограничувања.
