Советот на Општина Гевгелија уште еднаш даде негативно мислење на повтореното барање од Министерството за економија за доделување на концесија за детално геолошко истражување на металични минерални суровини на локалитетот „Коњско“ на барателот „Резервоар Минералс Македонија“ од Скопје.
И овој пат при донесување на мислењето, Советот на општина Гевгелија ги зеде предвид неколкуте стратешки документи во кои децидно е наведено дека „на територијата на општина Гевгелија се забранува изградба на објекти од тешка и загадувачка индустрија, во насока на зачувувањето на здравата животна средина“.
– На мислењето се надоврзуваат цврстиот став на градоначалникот Сашо Поцков, на Советот, недвосмислениот став на невладиниот сектор, како и на целокупната гевгелиска јавност која еднаш веќе енергично се изјасни дека сака општина Гевгелија да биде модерна, европска, одржлива и пред се зелена општина, се вели во соопштението на општинската служба за информирање.