Четири градежни парцели за индивидуално домување кои се наоѓаат крај Моински пат, исто толку градежни парцели кои се наоѓаат во станбената населба „Караорман“ и две градежни парцели лоцирани во елитната станбена населба „Мрзенски рид“ се понудени на продажба од општина Гевгелија по пат на електронско јавно лицитирање.
Површината на градежните парцели крај Моински пат се движи од 362 до 467 метри квадратни, најмали по површина се парцелите во „Караорман“ од 288 до 354 квадрати, а најголеми, со опфат од 1.480 и 1.517 метри квадратни, се парцелите за резиденцијални станбени објекти во населбата „Мрзенски рид“. За сите нив почетната продажна цена изнесува 61 денар за метар квадратен.
Пријавите за учество на електронското јавно наддавање за парцелите за домување, заинтересираните физички и правни лица треба да ги поднесат најдоцна до 4 јули, а за нив електронски ќе лицитираат на 6 јули во времето од 10 до 12 часот.
За парцелата за градење на објект од лесната индустрија, пријавите се доставуваат најдоцна до 16 јули, а два дена подоцна на 18 јули ќе се одржи електронското јавно наддавање со почеток во 11 часот.