Градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски, оствари средба со првата дама, Проф. Д-р Елизабета Ѓоргиевска, која е раководител на катедрата за детска и превентивна стоматологија при Стоматолошкиот факултет на УКИМ, деканот Проф. Ќиро Ивановски и Проф. Д-р Сања Панчевска, продекан на настава при Стоматолошкиот факултет во Скопје.
Како што соопштува Општина Центар, повод на средбата е проширување на соработката за нега на оралното здравје, која оваа година за првпат ќе ги опфати и децата од прво до деветто одделение од социјално ранливите категории во сите основни училишта во Општина Центар. Преку оваа соработка децата ќе може да одат на прегледи, но и да користат услуги како поправки на заби или изработка на протези во рамки на Стоматолошкиот факултет во Скопје. Периодот на користење на овие услови се однесува од февруари до јуни и од октомври до јануари, со вкупен износ од 50 000 денари.
„Оваа соработка е исклучително важна затоа што четкањето заби треба да стане секојдневна рутина кај децата уште од мали нозе. Оралните болести претставуваат проблем кој може да влијае на квалитетот на детскиот живот, вклучувајќи го целото нивно здравје. Затоа, целта на оваа соработка е да се подигне свеста и да се поттикне семејството и заедницата да преземат мерки за намалување на штетните последици кои ги предизвикуваат оралните болести. На овој начин децата ќе научат како правилно се четкаат забите, како се одржува оралната хигиена и колку е важно оралното здравје“, изјави градоначалникот Герасимовски.
„Воедно, на средбата беше и продолжена соработката со Стоматолошкиот факултет кај децата од 3 до 6 години од предучилишните установи во Општина Центар, како и кај учениците од прво и второ одделение од сите основни училишта во општината.
Оваа соработка се однесува на предавања, но и практични вежби во градинките и училиштата од стручни лица од Стоматолошкиот факултет, за начинот на четкање на забите, правилното одржување на оралната хигиена и влијанието на здравата исхрана врз целокупното орално здравје.
Оралното здравје е многу повеќе од убава насмевка. Затоа, да бидеме одговорни и правилно да го одржуваме здравјето во усната празнина“, соопштува Општина Центар.