На 24-ти декември, на црниот понеделник се случи грубо прекршување на Уставот со што целосно беше суспендирана парламентарната демократија во Република Македонија, укажува СДСМ.
Потсетуваат, прво беа насилно исфрлени новинарите, за потоа брутално да бидат исфрлени опозициските пратеници, се’ за да се донесе Буџетот без соодветна процедура и без почитување на собранискиот Деловник.
Овие поразителни настани , велат, ја втурнаа земјата во сериозна политичка криза, бидејќи институциите, а најмногу Собранието го изгуби кредибилитетот.
„Веќе три недели режимот на Груевски глумејќи нормалност се однесува како ништо особено да не се случило на 24 декември.Ние понудивме разумен и остварлив план за излез од политичката криза преку фер и слободни предвремени парламентарни кои би се одржале заедно со локалните избори.Ако има навистина политичка волја и минимум разум кај власта, има доволно време до 24 март да се постигне политички договор со што ќе се избегне продлабочување на кризата“, рече потпретседателот на СДСМ, Гордан Георгиев.
Минатата недела, рече, „Сојузот за иднината“, организираше серија маршеви и граѓански парламенти, на кои граѓаните, масовно изразуваа револт и отпор кон режимот, каде јасно и недвосмислено беше истакната поддршката за нашиот план за враќање на демократијата во земјата.
Најави, бидејќи власта и понатаму се однесува неодговорно, утре понеделник, наместо како досега по една, ќе бидат блокирани три раскрсници во Скопје, почнувајќи точно на пладне.
Ќе бидат блокирани раскрсниците на „Партизанска“ пред Симпо, мостот „Гоце Делчев“ кај Владата и раскрсницата пред „Тутунски комбинат“ кај “Стара рампа“.
„Свесни сме дека овие блокади, можат да предизвикаат непријатности и нервоза кај граѓаните, но имајќи предвид дека се работи за отпор против режим, кој секојдневно им ја одзема слободата на граѓаните и иднината на земјата, апелираме за трпение и поддршка за протестите.Покрај блокадата на трите скопски раскрсници, отпорот продолжува и во Куманово каде со почеток во 18 часот ќе се организира марш против режимот кој ќе заврши со граѓански парламент“, најави Георгиев.