СДСМ реагира на активирањето на контра-протести , владино-невладини организации и паралелни владини синдикати, организирани, велат од власта.
Со организирање на лажни здруженија, составени од луѓе блиски на власта, изјави Гордан Георгиев, таа во полна смисла ја искажува нејзината тоталитарна и недемократска карактеристика, бидејќи на перфиден начин се обидува да го загуши секој обид за граѓанска иницијатива, невладино организирање и било кој автентичен протест на граѓаните против нејзините погубни политики.
„Македонија можеби е единствена земја во светот во која власта организира протести насочени против сопствените граѓани, организира паралелни синдикати против вработените, организира невладини организации против цивилниот сектор. Единствен друг пример кој можеме да го посочиме се протестите и владините – невладини организации, кои ги организираше Слободан Милошевиќ, додека тој ја држеше власта во Србија“, изјави Георгиев.
СДСМ одговори и на обвинувањата кои доаѓаат, велат, од медиумските мегафони на власта дека СДСМ ги организира и стои зад протестите на иницијативата „АМАН“ и зад другите граѓански иницијативи насочени против погрешните политики на оваа власт.
„Иако на ниту еден начин не учествуваме во организирањето на протестите на АМАН, ниту стоиме зад нив, СДСМ дава целосна принципиелна и политичка поддршка на истите, како и на сите други автентични протести на кои граѓаните изразуваат незадоволство од политиките на оваа власт. Апсолутно немаме никаква улога во организирање и остварување и на штрајкот на лекарите, но да, ги подржуваме и лекарите, на легален и демократски начин да го искажат своето незадоволство и ја поздравуваме нивната храброст и тие да го кренат својот глас за да го зачуваат достоинството на нивната професија, со која министерот Тодоров се обидува да го избрише подот“, вели Георгиев.
СДСМ, не само што не ги спречува, туку и ги охрабрува, секој по сопствено видување, доколку сака да го изрази својот револт слободно тоа да го направи и со поддршка на овие организирани граѓански иницијативи.
„Тоа во никој случај не значи дека СДСМ ги организира овие иницијативи и протести или дека на било кој начин, стои зад нив. Тоа впрочем го знаат и самите учесници и организатори на протестите. Обидот на власта преку нејзините мегафони, да го престави СДСМ како организатор на овие протести е само уште еден доказ за нејзината немоќ пред незадоволството на граѓаните и секако недостаток на демократски капацитет“, рече Георгиев.