Генерал Васко Ѓурчиновски ја презеде должноста командант на ЗОК

Од:

Бригадниот генерал Васко Ѓурчиновски денеска ја презеде должноста командант на Здружената оперативна команда (ЗОК) на свечена церемонија што се одржа пред објектот на ЗОК во кумановската касарна „Боро Менков“ во присуство на министерот за одбрана Зоран Јолевски и началникот на Генералштабот на АРМ, доскорешен командант на ЗОК, генерал потполковник Методија Величковски.

Ѓурчиновски беше досегашен командант на полкот за специјални операции во АРМ.

На свеченоста на која присуствуваа генерали, старешини и команданти во АРМ, беа потпишани извештаите за примопредавање и прочитани беа указите на претседателот на Република Македонија и врховен командант на вооружените сили, Ѓорге Иванов за поставување на командант на ЗОК, заменик на командантот на ЗОК и началник на штаб во ЗОК.

Министерот Јолевски истакна дека му претставува чест што има можност да го одбележи примопредавањето на должноста командант на Здружената оперативна команда меѓу досегашниот и идниот Командант на ЗОК.

– Здружената оперативна команда е воспоставена со последниот циклус на трансформација на АРМ. Во ЗОК е концентрирана главнината на воените сили на Армијата и тие го даваат најголемиот придонес во поддршката на другите државни институции и во меѓународните операции. Оттогаш, па до денес, а убеден сум и во иднина извршувањето на должноста командант на ЗОК претставува предизвик за секој воен лидер. Воедно, тоа е силна мотивација за секој командант на дело да ја покаже способноста и умешноста за користењето на стекнатите и научените воени вештини, рече Јолевски.

Потврда дека должноста командант на ЗОК е предизвик за секој воен лидер од кариера, посочи Јолевски, е фактот што претходниот, а и сегашниот началник на ГШ на АРМ, дојдоа на таа должност.

Тој му се заблагодари на Величковски за работата на досегашната позиција и му посака успешно извршување на работните обврски и должности кои произлегуваат од новата должност на началник на Генералштабот на Армијата на Република Македонија.

Јолевски им се заблагодари на припадниците на ЗОК за нивниот ангажман, придонес и пожртвуваност во извршувањето на професионалните војнички должности.

За новиот командант на ЗОК, бригадниот генерал Ѓурчиновски, Јолевски е убеден дека успешно ќе ја продолжи досегашната работа на неговите претходници, но и традицијата на професионален напредок во војничката кариера и дека ќе ја оправда довербата која му ја укажа врховниот командант.

– За секој нов командант на ЗОК има мотив повеќе, бидејќи во секој нов мандат има и нови предизвици. Периодот што претстои е период во кој ни претстои многу работа и голем предизвик поврзан со спроведувањето на реформите во одбраната, како и со опремувањето и модернизацијата на АРМ, додаде Јолевски.

На свеченоста се обрати и началникот на ГШ на АРМ и досегашен командант на ЗОК, Методија Величковски, кој се заблагодари на министерот за присуството на свечениот чин за примопредвање на должноста.

– Со тоа само покажувате колку ја цените ЗОК, како најбитен елемент во структурата на АРМ, рече Величковски.

Посочи дека последниве три и пол години работел со професионалци, со луѓе со висок капцитет и интегритет и дека верува оти заеднички успеале да ги исполнат зададените задачи. Тој им се обрати на припадниците на ЗОК, укажувајќи им дека наредниот период ќе работат со врвен професионалец и дека заеднички ќе успеат да остварат уште подобри резултати.

Новиот командант на ЗОК, Васко Ѓурчиновски пред присутните рече дека за него е чест и обврска, што е назначен за нов командант на ЗОК и дека ќе работи посветено со цел постигнување врвни резултати. Во говорот додаде дека трансформацијата која веќе е започната, ќе биде завршена до крајот на годинава и дека ќе посвети внимание на обучувањето на единиците, подобрувањето на борбената готовност и реализација на меѓународни обуки и вежби.

Ѓурчиновски има богата војничка кариера и бил на бројни позиции во специјалните и механизирано пешадиските единици на АРМ. Завршил воедна академија во Белград, а како припадник на АРМ завршил и командно – штабна академија во САД и Високи одбранбени студии во Италија. Учествувал на бројни обуки и кусреви и на меѓународни вежби во земјава и странство.

Согласно указот на претедателот и согласно Законот за одбрана и Законот за служба во АРМ, кој беше прочитан пред присутните, за заменик-командант во ЗОК, е поставен бригадниот генерал Павле Арсовски, досегашен командант на првата механизирана пешадиска бригада во ЗОК. Досегашниот аѓутант на врховниот командант на вооружените сили во Генералштабот на АРМ, бригадниот генерал Азим Нуредин е поставен за началник на штабот на ЗОК.

Би можело да ве интересира

Независниот синдикат на професионални војници поднесе кривична пријава против Славјанка Петровска

Катерина Ѓуровски

Уставниот суд ја укина забраната за вршење верски обреди во објектите на македонската армија

А1он

Сиљановска – Давкова: Најсилната страна на Армијата е човечкиот капитал

Раскинат е договорот со фирмата што ја снабдуваше АРМ со храна, по труењето на 60 војници

Мисијата на ОН во Либан во која има и македонски офицери го одби барањето на Израел да напушти дел од позициите

Катерина Ѓуровски

Оброците за АРМ се 100% исправни, соопшти фирмата која ја подготвува храната