Високото ниво на Охридското езеро почна да го раскопува и градскиот кеј во Охрид. Делови од кејот се речиси пред пропаѓање поради што површината на кејот е спуштена и надолу.
Нивото на езерото енормно расте и според последните мерења е 27 сантиметри над максимално дозволената кота. Охриѓани се уплашени од ваквата состојба со езерото кое очигледно е дека од ден на ден го зголемува своето ниво, а со тоа и опасноста од поголеми излевања на најкритичните места.
Охриѓани велат дека надлежните институции треба да превземат најитни мерки. Митко Темелковски, раководителот на Центарот за управување со кризи во Охрид вели дека ги превземаат сите неопходни активности за намалување на нивото на езерото и оти како една од мерките што била направена било пренасочување на коритото на реката Сатеска во Црн Дрим.
Најкритични точки на Охридското езеро кој имаат и сосема мал заштитен појас се населбата Канео, источниот дел од езерото кај Радожда и централниот дел на Струшката ривиера. Под вода се и Биљанини извори.