Стотина граѓани, членови и симпатизери на ДПА денеска го пречекаа новиот градоначалник на Струга.
Зијадин Села во зградата на општината ја презеде функцијата градоначалник од страна на досегашниот градоначалник од редовите на ДУИ, Рамиз Мерко кој по осумгодишно владеењезаминува од градоначалничката фотелја откако неговата ДУИ не му даде доверба и шанса да се бори за трет градоначалнички мандат.
Села кој беше остар критичар на работењето на Мерко во изминатите години за функционирањето односно не функционирањето на локалната власт во Струга сега ќе има можност да ги поправи грешките и да ги исправи проблемите со кои Струга се соочуваше.
Села најави дека во првите сто дена од неговиот мандат ќе го врати редот во градот, градското шеталиште покрај Црни Дрим ќе го ослободи од узурпаторите на јавните површини, од многуте летни тераси, кафе барови, ресторани и дека ќе воведе безбедност во градот. Села најави дека ќе биде градоначалник на сите граѓани без разлика на нивната верска и етничка припадност.
Села во својот нов кабинет во општината оствари кратка средба со досегашниот градоначалник Рамиз Мерко.
Мики Трајковски