На 11-ти мај 2014, во просториите на СУГС „Орце Николов“ во Скопје, најдобрите дебатери средношколци од земјата се сретнаа на Националното дебатно првенство 2014 во организација на Младински образовен форум.
Сто и дваесет дебатери од дебатните клубови на МОФ од 14 градови во Македонија се натпреваруваа меѓусебно за титулите најдобар дебатен тим и најдобар говорник за 2014.
Најдобриот дебатен тим за 2014 е тимот во кој заедно дебатираа: Филип Бујароски, Бобо Станковиќ и Вероника Рајчин, додека титулата најдобар говорник за 2014 ја доби Соња Митиќ.
Националното првенство треше три дена, од 9 до 11 мај, а на него дебатерите учествуваа во вкупно 120 дебати пред да се изберат најдобрите тимови и да започнат полу-финалните дебати, низ кои се бираат најдобрите два тима кои се сретнаа во финалето.
Тезата за оваа година гласеше „НАТО треба да понуди безуслово членство на земјите од поранешниот Советски Сојуз, со исклучок на Русија“, а истата е инспирирана од актуелните политички прашања годинава.
Дебатерите од афирмативната страна дискутираа дека ваков потег ќе помогне кон заштита на земјите од поранешниот Советски сојуз, и овозможување на услови за нивен демократски развој. Негативниот случај го спореше безусловното членство во НАТО, како и ефектите од прием на Украина во НАТО во оваа состојба. Негативниот тим аргументираше и дека доколку односите со Русија се закана за стабилноста на земјите од поранешниот Советск сојуз, ваков потег ќе креира само дополнителни нестабилности.
Преку дебатите, средношколците добиваат најчин да дознаат повеќе за важните прашања преку самостојно истражување, градење на случаи и подготвка на аргументи, кои потоа ги соочуваат во дебата. Секој дебатер дебатира повеќе пати на различни страни од тезата во различни дебати, што овозможува јакнење на аргументите, градење ставови низ разгледување на сите страни и практикување на учење за актуелните општествени теми низ дебата.
Дебатерите кои се натпреваруваа на турнирот членуваат во дебатни клубови каде во текот на учебната година слушаат дебатни предавања, имаат работилници и дебатираат.
Националното дебатно првенство 2014 беше организирано од Младински образовен форум, во чија организација учествуваа 60 млади волонтери и дебатни судии. Турнирот е поддржан од Фондација Отворено општество Македонија и Проектот на УСАИД за меѓуетничка организација во образованието и ИДЕА – ЈИЕ , во соработка со СУГС „Орце Николов“ – Скопје.