Паркобраните на денешниот собир наречен „Смрт на фашизмот-СЛОБОДА ЗА СЛОБОДАТА“ ги одбележаа изминатите 15 дена од сечењето на дрвјата кај хотелот Бристол.
Меѓу присутните беше и градоначалникот на општина Центар Андреј Жерновски и опозициски пратеници.
Граѓанските активисти ги повикаа народот и опозицијата да се освестат, охрабрат и да излезат на улиците. Стотина граѓани ги поддржаа паркобраните кои за време на сечењето на дрвата во 4 часот после полноќ беа брутално исфрлни од паркот кој го бранеа.
Влатко Ристески, се заблагодари на како што рече најхрабриот градоначалник, градоначалникот на општина Центар, кој што не се уплашил од заканите и храбро не плашејќи се и се спротиставил на ненародната власт. Тој и се обрати на опозицијата, потенцирајќи дека народот ја бара да излезе на улиците.
„Денеска славиме 15 дена од тортурата што ја доживеавме во овој парк“, рече тој, порачувајќи дека веќе не се работи за борба за паркот, туку за борба за слобода за слободата.
Ѓуро Кешкец, граѓанин и поддржувач на Паркобраните го поздрави слободарскиот и самосвесен народ.
Toj додаде дека овие активности се само почеток, бидејќи граѓаните имаат право да одлучат во каков град ќе живеат.
Тој го повика народот да излезе пред хотелот Бристол и да каже дека му е доста од оваа власт како и од насилството, тортурата и злоупотребата.
„Да дадеме отпор кон овој ненароден режим. Наша најголема задача е да се избориме за слобода и слободен живот“, порача Кешкец.
Кирил Ристески, кој зборуваше во име на младите, а воедно и како еден од двајцата млади кои биле на барикадите ноќта кога се сечеле дрвата, рече дека се надева дека тоа е последен пат младите да ја почувствуваат тортурата од полицијата.
Тој потенцираше дека со тоа што младите излегле на протестите против екстерното тестирање, тие покажале дека се свесни за тоа кој греши во Македонија.
„Опозицијо разбуди се, нема време за молење, нема време за амандмани, нема време за демократски дискусии. Време е да се излезе на улица и време е оваа диктатура да заврши“, беше пораката која Ристески и ја испрати на опозицијата.
Темјана Поповска