Реалните слики од општествените згради, чии фасади се во распаѓање, ги принудија жителите на зградите во Гевгелија сами да постават предупредувачки пораки во вид на графити со содржина: „Опасно од одрон на фасадата“.
Парчиња малтер или бетон, отцепени од покривот на зградата, од нечиј балкон, или распаѓачки дел од фасадната подлога, можат да бидат опасни за животот за минувачите во близина на зградата.
Одговорност за реконструкција на зградите во централното градско подрачје презеде Општина Гевгелија, која и во минатогодишниот буџет предвиде средства во висина од 948.281,76 денари за заквите зафати.
Во текот на годината беа извршени реконструкциски зафати за фасадите на три згради во градскиот центар: северната страна на две згради на јужниот дел од шеталиштето, чиј преден лик е на главната улица „Маршал Тито“ и се лоцирани над поранешната градска аптека, соседната зграда со поглед кон фонтаната, како и зградата спроти поранешното кино „Култура“, исто лоцирана на главната улица со поглед кон паркот на народните херои од НОБ.
Вкупната реконструирана површина изнесува 3.425 метри квадратни фасадна облога.
За 2013 година со програмата за уредување на градежно земјиште во општината, со локалниот буџет предвидени се уште 500.000 денари за фасадирање на згради во централното градско подрачје.
Шестиот месец од годината тече, средствата се буџетски нотирани, останува само пораките на загрижените пишувачи на предупредувачки графити да бидат посериозно сфатени и да добијат приоритетна важност во извршувањето на планираните програмски зафати.
А.Д.