Плоштадот „Македонија“ беше местото каде што се упатија фудбалските фанови во Скопје кои што не успеаја да набават билет за натпреварот помеѓу Манчестер Јунајтед и Реал Мадрид и се надеваа дека на големиот видео бил ќе го следат натпреварот од Суперкупот.
Меѓутоа, фан зоната на скопскиот плоштад се затвори во 19 часот и сите кои се надеваа дека ќе го следат мечот во живо на плоштад, останаа разочарани.
Како што дознава „А1он“ причината поради која на видео бимот, кој е во приватна сопственост, не се емитува натпреварот е тоа што бил откупен од позната приватна компанија пред три недели.
– Дојдовме тука затоа што мислеме дека натпреварот ќе се следи и од плоштадот. Многу се разочаравме. Во околните кафулиња нема слободно место, па мора да стоиме однадвор и да ѕиркаме во телевизорите, ни се пожали еден од присутните.
Никој не открива дали вечерва по завршување на мечот славењето ќе продолжи на плоштдот или друга локација.
Наспроти разочараните присутни на плоштадот, угостителските објекти се преполни со домашни и странски навивачи.
Кристијан Ландов