(ФОТО) Наезда на глувци во Скопје – Општините се должни да побараат вонредна дератизација, зградите да си ги чистат подрумите

Од:

Топлото време освен појавата на змии во урбаните средини донесе уште еден проблем. Наезда на глувци во главниот град Скопје.

Овие фотографии се од Општина Центар, но според информациите кој А1он ги доби од Центарот за јавно здравје – Скопје пријави за глодари на нивна адреса стасале од речиси сите скопски општини.

Оттаму велат дека во последно време добиваат многу јавувања од граѓани кој пријавуваат дека забележале стаорци и бараат помош, но нивните раце се врзани. Односно обврската и надлежноста за вршење на дератизација ја имаат Општините кои самите одлучуваат на која фирма ќе и ја поклонат довербата да ја изврши дератизацијата.

Односно, согласно планот за превенција од заразни болести, Институтот за јавно здравје секоја година испраќа допис до Општините и ги задолжува да извршат превентивна дератизација и дезинфекција. Центарот за јавно здравје на секој град изработува елаборат за динамиката и површината која треба да се опфати и го доставува до Општините кој потоа распишуваат тендер за избор на фирма која ќе ги изврши работите. Согласно Елаборатот за спроведување на превентивна дезинсекција за спречување и сузбивање на вектор преносливи заболувања покрај пролетната дератизација и дезинфекција, се врши и есенска, вообичаено во Октомври/Ноември.

Цел на спроведување на дератизацијата, е редуцирање и уништување на популацијата на штетни глодари, а со тоа зголемување на степенот на здравствена заштита на населението и одржување стабилна епидемиолошка состојба. Бидејќи освен што глодарите предизвикуваат огромни материјални и економски штети, тие се и резервоар на повеќе од 40 заразни болести.

Како што дознава А1он во овој период наезда на глувци има во речиси целиот град. Од центарот за јавно здравје за А1он велат дека освен што временските услови допринеле, проблем е и што дератизацијата не се врши истовремено или во ист обем во сите скопски општини.

„ Глодарите се движат по канализацијата слободно и многу зависи како е направена дератизацијата секаде, бидејќи доколку на некоја локација не е извршена како треба или не е ставена доволна количина или е ставено помалку ефикасно средство, на тој дел глодарите ќе се размножуваат а потоа слободно ќе се движат и рашират низ целиот град повторно.“, велат од Центарот за јавно здравје.

Центарот за јавно здравје Скопје учествува на тендерите кои ги распишуваат општините но не секогаш се избрани. Оваа година 2024 Центарот вршел дератизација само во три скопски општини  – Центар, Шуто Оризари и Сарај. Останатите општини склучиле договори со приватни фирми кои нудат ваков тип на услуги.

Конкретно за првата пролетна дератизација во Центар од центарот за јавно здравје велат дека е спроведена навреме, но проблем било што на територијата на општината имало неколку локации каде се извршувале градежни активности и тие локации не биле достапни за да се изврши дератизацијата.

Исто така освен временските услови за наезда на глувци проблем е можеби во тоа што во подрумските простории на зградите дератизациајта би требало согласно задолженијата да се спроведува еднаш годишно, но постои сомнеж  дека тоа некаде се врши нестручно и не дава резултати.

Општините дури и навремено и совесно да ја вршат дератизацијата, тие немаат надлежност за приватниот имот. Тие извршуваат дератизација во шахтите на територијата на општината и јавните површини. Посебен акцент се става на детските градинки, училиштата, здравствените установи и водоснабдителните објекти.

За приватниот имоt се задолжени сопствениците, или управителите на зградите и куќниот совет доколку се работи за колективни згради.

Дали општините си ја завршиле работата, дали избраните фирми успешно ја извршиле дератизацијата, се контролира од ДСЗИ, но како што не информираат оттаму инспекцијата се врши на есен откако ќе заврши и втората предвидена дератизација.

Од ДСЗИ за А1он велат дека согласно инспекциските надзори минатата година и годините претходно, скопските општини генерално  ги почитуваат препораките и сите редовно ги извршувале препорачаните дератизации и дезинсекции.

Сепак како што велат од таму, наезда може да се случи инцидентно и во тој случај секоја општина е надлежна да нотира дека има проблем и да побара и спроведе ако треба и вонредна дератизација.

Пред неколку години глодарите во Македонија предизвикаа неколку случаи на заразната туларемија. Повеќето од заболените беа од скопско и од источниот дел на земјата. Иако појавата на болеста се поврзуваше со тогашните поплави, ситуацијата на теренот го покажа спротивното – заболените главно беа од скопско Арачиново, Каратманово и од регионот на Свети Николе, каде што поплави немаше, но имаше зголемување на бројот на глодари.

Надлежните тогаш препорачуваа жителите да внимаваат со водата за пиење, на местата кадешто се појавиле глувци. Од локалните власти се бараа одговори каква е водата за пиење, дали се хлорира и има ли пријави за наезда на глодари. Болеста се пренесува преку вода, воздух, но не и од човек на човек. Пред овие случаи, во изминатите 25 години ова заразно заболување во Македонија било регистрирано само двапати.

Заразата доаѓа при контаминација на храна со измет од стаорци или угинати глодари покрај извори на вода. Најчесто доаѓа преку устата. Истото може да биде и кога се мете во куќите и се крева прашина во која пак има остатоци од измет на стаорци.

Би можело да ве интересира

Пијан скопјанец пред сопругата и децата пукал и тешко ранил познаник

Скопјанец пријавил сексуално злоставување на неговата малолетна ќерка

Скопјанец со нож и се заканувал на сопругата

Арсовска: Нашето Скопје треба да се сака со тоа што заедно ќе работиме да имаме поубав град

Скопјанка го нападнала сопругот и свекорот, па искршила дел од покуќнината

СДСМ: Скопје најзагаден град, а власта на ВМРО-ДПМНЕ не презема ништо за загадениот воздух