По речиси две децении, денеска во Нов Дојран за туристите е отворена обновената плажа „Калдрма“ што се наоѓа на излезот од населбата кон Стар Дојран.
Вака гласеше веста од Дојран уште на крајот на јуни која ја објавија речиси сите медиуми, а плажата никој не ја виде. Наместо тоа со текстот некои медиуми поставија и фотографии но од други плажи како таа на ЕЛЕМ која е во Стар Дојран, со што се стекна впечаток дека тоа е Калдрма.
За реновирањето на плажата, која всушност не е ни чепната, беше најавено како дел од „туристичкиот и инвестициски бум“ дури и од градоначанлникот на Дојран.
Посветивме големо внимание на уредувањето на брегот на Дојранското Езеро, со наши средства комплетно ја реновиравме плажата Калдрма во Нов Дојран, а исчистивме и отворивме простор за две нови плажи во Стар Дојран. Во тек е објава за прибирање на идејни решенија за две нови плажи, едната во должина од 500 метри, а друга 100 метри, кои треба да бидат готови за наредното лето“, изјави Борче Стамов на прес конференција на 29. Јуни.
Но од она што може да се види, плажата Калдрма е иста како што беше и годиниве наназад. Дива и неуредена плажа. Работите почнаа во мај, ама брзо и престанаа, а плажата цело лето е далеку од комплетно реновирана.
Единствена промена се камионите кои денеска почнаа да носат песок и багерите кои се појавија на плажата, и со ова темпо веројатно ќе биде комплетно реновирана, но некаде на средина од зимата.