Форумот на жени на ДОМ организираше трибина на тема „Каде затајува системот во борбата со насилството врз жените и домашното насилство” што ја модерираше пратеничката од ДОМ, Маја Морачанин. Во своето воведно излагање таа се осврна на значењето на спроведувањето на Истанбулската конвенција, која беше ратификувана во декември 2017 година.
Санела Шкријељ, шефица на кабинетот на Министерката за труд и социјална политика, истакна дека се подготвуваат реформи во системот на социјална заштита со нов Закон за социјална заштита.
На трибината говореа и проф. д-р Антони Новотни – Клиника за психијатрија, Христа Најданов – адвокат и поранешен соработник на НВО ЕСЕ за семејно насилство, Елена Димушевска – Национална мрежа против насилство врз жени и семејно насилство, Јасмина Пакашки – психолог и новинар и Вера Николиќ – Меѓуопштински центар за социјални работи – Скопје.
Се констатираше дека за поефикасна борба со овие општествени проблеми потребни се, унапредување на законската регулатива со цел да се усогласи со Истанбулската конвенција, системски решенија за подобрена меѓусекторска комуникација, константна едукација на професионалниот кадар во институциите, отворање на нови специјализирани сервиси (засолништа и кризни центри за жртвите и советувалишта за жртвите и сторителите). Потребна е и поголема ажурност на полицијата, обвинителството и судството за отстранување и гонење на сторителите. Неопходна е психосоцијална и економска поддршка на жртвите и подобар пристап до бесплатна правна помош и медицински услуги.
Клучна улога во превенцијата на семејното насилство треба да имаат и воспитно-образовните институции и медиумите.