По повод 8-ми Март, Форумот на жени на ДОМ поведува кампања за економско јакнење на жените, зошто економската независност е предуслов жените да бидат вистински слободни и реализирани личности. Поддршката на женското претриемништво е наша повеќегодишна, континуирана заложба.
Постоечките програми не се содветни зошто ниту концептот, ниту средствата што се издвојуваат за нив не можат да го постигнат потребниот ефект. Обезбедени се субвенции за жени претприемачки во висина од 70% од претходно вложени средства во бизнисот, но не повеќе од 2.000 евра. Значи, жените треба прво самите да вложат 3-4.000 евра, па да конкурираат за дополнителни средства, поднесувајќи голем број документи. Притоа, субвенции се даваат исклучиво за производство, а се исклучуваат други дејности како: трговија, образование, здравство, адвокатура, нотаријат, туризам, земјоделие и рибарство.
Државните институции се оглушуваат на укажувањата на заинтересираните страни и граѓанскиот сектор, па сметаме дека е неопходна континуирана кампања, се до промена на состојбите.
Форумот на жени на ДОМ предлага:
1) менување на концептот на програмата за женско претприемништво, со што ќе стане отворена и инклузивна за секакви дејности со кои жените претприемачки би се бавеле
2) проширување на опфатот на бизниси според обемот, што значи да има неколку градации на бизниси (микро, мали и средни), за да се излезе во пресрет на поголем број жени
3) максималниот износ на кофинансирање да не биде лимитиран на 2.000 евра, туку да корелира со финансиските потреби за конкретниот бизнис
4) овозможување субвенциите претприемачките да ги добиваат при самото започнување со бизнис, преку плаќање на трошоците за деловен простор, опрема и сл. од страна на државата, а не отпосле, како до сега
4) најмалку 100-кратно зголемување на буџетот на програмата за женско претприемништво, што значи од сегашниве околу 30.000 евра доделени на 20-тина жени претприемачки, на најмалку 3.000.000 евра, што изнесува помалку од 0,1% од буџетот на Република Македонија, со што би се опфатиле околу 500 до 1000 жени на годишно ниво
5) широка промоција на програмата за женско претприемништво, за да можат заинтересираните жени да бидат информирани и да се пријават, за да не се случува да не се искористат ниту тие скромни средства што се сега достапни.
Пресот го одржа претседателката на Форумот на жени на ДОМ Маја Морачанин.