Формирани собраниските работни тела, предлог замениците министри по 20 септември на дневен ред

Од:

Пратениците на вчерашната собраниска седница ја усвоија одлуката за изборот на составот на работните тела на Парламентот, а премиерот Зоран Заев од Куманово најави дека во тек е постапката за утврдување на имињата на кандидатите за заменици министри. Подготвен е, како што рече, денеска или утре да ги достави имињата на предлозите за заменици министри до Собранието, а Собранието веројатно по 20 септември ќе го стави на дневен ред нивниот избор.

На собраниската седница пратениците од опозицијата повторно посочија дека се крши процедурата и оти се гласа за персонален состав пред Собранието претходно на парламентарна седница да донесе одлука за нивно основање и за дефинирање на надлежностите на работните тела.

Според опозицијата, Собранието таква одлука треба да донесе, бидејќи, посочуваат, некои од комисиите би можеле да претрпат измена на број на членови или опфат и делокруг на работа, како на пример комисијата за здравство која би можело да има поголем број членови со оглед на ситуацијата со пандемијата.

За пратеничката Гордана Силјановска Давкова крајно невообичаено е Комисијата за прашањата на изборите и именувањата да ја супституира улогата на Собранието, и оти секој собраниски состав треба да има сопствена одлука за формирање работни тела, по која ќе се прави изборот на персоналниот состав.

Претседателот на Собранието Талат Џафери појасни дека претходната одлука за формирање работни тела или комисии е на сила, и оти нема предлози за формирање нови. На оваа одлука, потенцира Џафери, се темели и предлогот на координаторите на пратеничките групи за персоналните состави. Тој им посочи на пратениците од опозицијата дека не поднеле никаков предлог за дополнување на делокругот на работа или за зголемување на бројот на комисии или членови на комисиите.

Според пратеникот Антонио Милошоски парламентарното мнозинство не ја крши процедурата од незнаење, туку дека можеби се плаши од евентуално отворање дебата за надлежностите на комисиите и евентуални амандмани со кои, како што рече, би се оневозможило собраниската Комисија за европски прашања да остане „комисија за носење закони по скратена постака“, како во минатиот состав.

Во меѓувреме, премиерот Зоран Заев, кој беше во посета на Куманово, каде присуствуваше на отворање нова индустриска зона, најави дека постапката за утврдување на имињата на кандидатите за заменици министри е во тек.

– Јас сум подготвен утре-задутре да ги доставам имињата на предлозите за заменици министри до Собранието, а Собранието веројатно по 20 септември ќе го стави на дневен ред нивниот избор, истакна вчера Заев.

Тој потенцира дека во моментот не може да ги соопшти имињата на замениците министри, затоа што, подвлече, со коалициските партнери се уште ги нема утврдено сите кандидати.

– Се уште правам интервјуа со кандидатите, разговарам со нив како потенцијални заменици министри. Верувам дека ќе завршам до утре, за да можам да им ги соопштам на јавноста и да ги доставам до Парламентот, изјави вчера премиерот Заев.

Според него, услов за избор на замениците министри е Собранието да ги оформи своите помошни тела за да може да функционира, како и да се верификува мандатот на новата пратеничка која ќе го заземе местото на министерката за труд и социјална политика Јагода Шахпаска.

Собранието на Република Северна Македонија во попладневниот дел од вчерашната седница и го верификуваше мандатот на пратеничката Емилија Рамбабова од коалицијата, која доаѓа на местото на министерката за труд и социјална политика Јагода Шахпаска.

Би можело да ве интересира

Последната седница на овој парламентарен состав ќе се одржи до крајот на месецов

Не е донесен Законот за игри на среќа, постапката заврши

Катерина Ѓуровски

СДСМ предлага отворање медицински факултет во Битола, ВМРО-ДПМНЕ смета дека нема услови

Џафери: Закажани се избори, не може да се потпишат колективни договори, протестите на универзитетите се за дневни политики

Нов обид во Собрание за законите за Митилинеос и за игрите на среќа

Пендаровски против идејата на ДУИ да се избере претседател во Собранието: Ќе бев сменет за едно попладне

Орце Костов