Поранешните министри за образование и наука Никола Тодовор и Панче Кралев се осомничени за злоупотреба на службената положба и овластување, во врска со јавна набавка за реконструкција на Домот на АРМ во Охрид.
Управата за финансиска полиција до Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција поднесе кривична пријава против поранешните министри за образование Никола Тодоров и Панче Кралев и против И.Е. – поранешен советник за капитално инвестирање во Министерството и Н.Х. – овластен раководител на сектор во МОН под сомнение за злоупотреба на службената положба и овластување со што го оштетиле државниот Буџет за речиси 80.000 евра.
„МОН во текот на 2009 година по претходно спроведена постапка за јавна набавка склучило договор за градење со изведувачот ‘Конструктор инжинеринг’ АД Сплит за реконструкција и адаптација на Домот на АРМ во Охрид за потребите на Универзитетот за информатички технологии. Првопријавениот Н.Т. како министер за образование и наука имал обврска да ги почитува законските процедури наведени во договорот и да го заштити Буџетот на МОН. Второпријавениот И.Е. како советник за капитално инвестирање имал обврска, согласно условите и роковите наведени во договорот, да ја следи реализацијата на договорот за градење и да го известува министерот за образование и наука за текот на изведбата како и за сите настанати проблеи при изведбата“, велат од Финансиска полиција.
Пријавените, додаваат од таму, и покрај тоа што биле свесни и запознаени за ненавременото извршување на работите од страна на изведувачот во текот на 2009 година не презеле активности за активирање и наплата како и не побарале продолжување на рокот за важност на банкарската гаранција за добро извршување на работите пред истекот на нејзината важност, спротивно на Законот за јавни набавки и договорот со изведувачот.
„Со неизвршување на службената положба и овластување пријавените Н.Т. и И.Е. го оштетиле Буџетот на МОН односно Буџетот на РМ за 4.761.207 денари“, велат од Управата за финансиска полиција.