Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, ја критикуваше Владата за договорот за заем со Обединетото Кралство, оценувајќи го начинот на заем како антиевропски.
Тој истакна дека големите задолжувања за инфраструктурни проекти го оптоваруваат идниот развој на државата, додека економијата се соочува со зголемени трошоци за живот. Филипче, исто така, предупреди дека владината коалиција е во процес на распаѓање, а резултатот на локалните избори ќе го одредат граѓаните.
На денешната прес конференција во Социјалдемократскиот сојуз, Филипче искажа критики за најавениот договор за заем со Владата со Обединетото Кралство, истакнувајќи дека јавноста и политичките субјекти немаат доволно детали за ваков значаен финансиски аранжман.
– Владата има обврска да ги објави сите информации. Апсолутно го поддржуваме договорот за стратешка соработка, но начинот на заемот за вакви проекти ја бележи оваа влада како антиевропска, изјави Филипче.
Образложи дека наместо да го блокира патот кон Европската Унија, Владата треба да ги искористи можностите кои ги нуди ЕУ, како што се неповратните грантови.
Според него, големиот кредит за брзата железница север-југ, иако потребен за државата, отвора прашање за неговиот приоритет.
– Се става акцент само на Коридор 10. Да се земаат толкави кредити, а паралелно да се блокира европскиот пат, е некоректно. Се задолжуваат идните генерации за инфраструктурни проекти, додаде Филипче.
Во однос на изјавите на премиерот Христијан Мицкоски за раст на економијата, тој истакна дека граѓаните најдобро ја чувствуваат реалноста преку секојдневните трошоци.
-Луѓето кога одат во маркет, сфаќаат каква е економската ситуација – платите не растат, цените дувеат. Инвестициите со кои владата се фали се всушност проекти изработени за време на нашата влада. Сега е само нивно време на реализација, изјави Филипче.
Тој го коментираше и изборот на гувернер на Народната банка, потенцирајќи дека официјално нема информации за кандидатите.
-Тоа што се одолговлекува изборот е за мене знак дека има сериозен партиски притисок од ВМРО-ДПМНЕ, рече лидерот на СДСМ.
Дополнително, тој ја потврди дека ќе има средба со Арбен Таравари, кој неодамна се повлече од ВЛЕН, за која рече дека е одложена за оваа недела, посоќувајќи оти владината коалиција се распаѓа само една година по нејзиното формирање.
Што се однесува до локалните избори, Филипче нагласи дека исходот ќе го одлучат граѓаните.
-Не се свесни за револтот и гневот кој луѓето го чувствуваат поради платите, трошоците, настаните од Кочани. Каков ќе биде резултатот можат да кажат само граѓаните – и ќе го кажат, изјави Флипче.
Во врска со кандидатурите за градоначалници, рече дека СДСМ ќе ги објави првите имиња до крајот на месецов, со завршување на процесот на номинации.