Филипче до членството: Сега повеќе од било кога ни е потребно единство

Од:

Носителот на листата на кандидати за пратеници на СДСМ и Коалицијата за европска иднина, Венко Филипче вечерва се обрати на централниот митинг во Изборната единица 4 што се одржа во Радовиш. Во прилог говорот на Филипче интегрално.

Почитувани граѓани, драги пријатели

Исправени сме пред одлучувачки момент за иднината на државата, но и иднината на СДСМ. Предизвикот пред нас е голем. По резултатот во првиот круг, нè чека тешка задача да ги подобриме работите. Тешка, но не и невозможна задача е пред нас која може да ја оствариме ако се обединиме на 8 мај.

Секоја партија силата ја црпи од единството. За жал, ни се повторува историјата од 2006 година и повторно се соочуваме со поделба. Секој кој вистински ја поддржува СДСМ, кој е социјалдемократ и верува во вредности на слобода, правда, еднаквост, не може и не смее да остане рамнодушен на оваа состојба. Сите добро знаат што значи слаб и поделен СДСМ за иднината на државата. Тоа значи власт предводена од ВМРО-ДПМНЕ без контрола, насилна власт која ќе злоупотребува и гази сè пред себе. Ова не го кажувам за да заплашам никого. Ова го кажувам затоа што во ВМРО-ДПМНЕ нема суштинска промена. А кога нема суштинска промена не може да се очекува различно владеење.

Во оваа кампања разговарав со илјадници луѓе. Влегов во стотици домови, прошетав по многу маала и пазари. Пораката кон нас е дека граѓаните сакаат промени во нашите политики, во нашето однесување кон нив. И ова мора да го испочитуваме веднаш по изборите. Само така ќе ја вратиме довербата и ќе ја издигнеме СДСМ онаму каде што и е местото, на врвот на политичката сцена. Дадов многу ветувања и тие ветувања немам намера да ги изневерам.

Во овој момент не е клучното прашање дали СДСМ ќе оди во опозиција. Клучното прашање е што е на другата страна, која е алтернативата, дали Македонија може да остане на стратешкиот колосек со нив? Ниту една грешка на СДСМ не е толку голема за да го оставиме ВМРО-ДПМНЕ да нè враќа назад како држава. Ниту една грешка не е толку голема да ги оставиме да нè понижуваат и потценуваат. Затоа, апелирам до секој од вас да смогнете сила, заедно да одработиме за достоинствен изборен резултат.

Ние мора да се исправиме и да се соочиме со предизвиците. Јунаците се препознаваат кога е тешко. Затоа победите имаат многу татковци, а поразот само еден. Ајде сега да се фокусираме на второто полувреме од оваа тешка битка.
Сакам да им испратам порака на сите наши долгогодишни поддржувачи, оние кои решиле да не гласаат или да гласаат за други партии за да го изразат револтот.

Драги сопартијци, драги симпатизери и поддржувачи, со вашиот глас против не ја казнувате СДСМ, туку ја наградувате ВМРО-ДПМНЕ. И доделувате неограничена моќ која тие најдобро знаат како да ја злоупотребат. Веќе започнаа со заплашувања и реваншизам и нема да престанат тоа да го прават.

Сега, повеќе од кога било ни е потребно единството. Ова е време кога мора да останеме заедно. Нашето единство е нашата моќ. Нашето единство е основата на која ќе градиме посветла иднина за сите. Мора да се здружиме, како едно семејство на СДСМ, да обезбедиме нашите гласови да бидат обединети и силни.

Драги пријатели,

СДСМ имаше тежок мандат од седум години во кој направи многу позитивни работи за државата и граѓаните. Мандат во кој решивме наталожени проблеми, се боревме со три кризи и го штитевме стандардот на граѓаните.
Многу енергија потрошивме за земјата да стане членка на НАТО, да почнеме разговори за членство во ЕУ и да ги зачуваме внатрешниот мир и стабилноста преку изградбата на едно општество за сите.

Некои можеби ќе речат дека премногу сме жртвувале за остварување на тие цели. Но, не заборавајте колку е тоа важно во време кога две големи војни не стивнуваат, кога младите бегаат затоа што бараат европски стандарди, кога неизвесноста е поголема од кога било.
Веројатно има многу за што да ни замерат граѓаните, но не може да ни замерат за исправноста во намерите и политиките со кој се грижевме за секој, во едно исклучително тешко време за владеење.

Почитувани граѓани,

Ја слушнав понудата која вчера партијата ЗНАМ ја даде јавно до СДСМ. Дозволете ми кратко, да ја кажам вистината за овој политички маневар на Максим Димитриевски. Понудата на ЗНАМ кон СДСМ не е реална понуда. Ваквата понуда е очекувано да биде одбиена од кое било раководство на партијата. Таа е направена со цел да биде одбиена. Нема чесни намери во делувањето на Максим Димитриевски кон СДСМ или членовите на партијата за кои наводно го болело срцето. Неговиот предлог, кој повеќе личи напишан во штабот на ВМРО-ДПМНЕ, е само алиби да ја оправда коалицијата со ВМРО-ДПМНЕ, во која е ефективно уште од 2021 година. Оние кои му мислат добро на СДСМ секогаш остануваат и се борат од внатре да ги менуваат работите на подобро. Вистинските социјалдемократи не бегаат и не се обидуваат да ја поделат СДСМ.

За крај почитувани граѓани, драги пријатели, имам само да порачам уште еднаш добро да размислите пред гласањето на 8 мај. Гласот е одговорност кон себе, но и кон сите други во општеството, гласот е алатка за избор на тоа каква иднина сакате.
Да се мобилизираме за изборите на 8 мај и да постигнеме добар резултат.

Да направиме моќна парламентарна група во Собранието која ќе може да формира коалициона влада или да се спротивстави на секој кој сака да и наштети на Македонија. Потребен ни е силен СДСМ, на граѓаните им е потребен. Партија која знае да се обновува, да расте и да победува. И јас сум убеден дека ќе постигнеме добар резултат на 8 мај.

Не се откажуваме од СДСМ.

Не се откажуваме од остварување на стратешките цели на Македонија. Не се откажуваме од иднината.
Радовиш треба да ни донесе радост. Од овде и од оваа изборна единица може да почне големиот пресврт.

Би можело да ве интересира

Филипче: Домашните компании оставени на цедило, пари само за странските

Горан Наумовски

Филипче: СДСМ нема да дозволи повторно поставување на системот „ало началниче“

Филипче: Ќе понудиме современа политичка платформа со силен фокус на економијата и платите

Филипче: Категорично сум против етнички поделби во науката

Филипче: Мицкоски има обврска пред граѓаните и пратениците да го каже планот за евроинтеграцијата на Македонија

Предраг Петровиќ

Филипче: Дипломатска катастрофа и понижување на македонската држава од страна на ВМРО-ДПМНЕ и Давкова