„Фемили Аеродром“: Нема да дозволиме од Аеродром да се прави Дизниленд

Од:

Навивачката група на МЗТ, „Фемили Аеродром“ се спротивставува на уништувањето на Аеродром со решенијата во новиот ДУП на општината „Фемили Аеродром“ напиша:

„По повод скорешните случувања во врска со донесувањето на ДУП-от и новопланираната изградба на повеќе станбени згради и паркинзи, наместо сегашните паркови, зеленила и игралишта, ние како Family Aerodrom, не само како навивачка група која низ минатите 20-тина години стои зад симболот на целата населба, КК МЗТ Скопје, туку истовремено и како двигател на многу општествени, културни и спортски случувања во Аеродром, чувствуваме потреба да го кажеме своето мислење за целата ситуација.

Во населбата Аеродром се случуваат тектонски пореметувања. Имаме исфорсирано градење на три (3!) стокатници под неразјаснети услови за живот и општествена социјализација, имаме задушување со згради во Стар Аеродром, со планирана изградба на 50-60 станбени згради кои се практички еден нов град во целата населба, имаме ултра-гига-мега шопинг центар на најфреквентниот дел од населбата, но сепак дел околу кој живеат наши комшии секојдневно мака мачат со паркинг места заради тоа што во истиот трговски центар паркинг просторот е премал да ги прими сите заинтересирани страни. Населбата во само 30-тина месеци го има изменето не само својот лик, туку и своите навики и однесување. Со еден збор: трагедија.

Денес имаме случај за најавена изградба на неколку повеќекатници на потегот од кејот на Вардар во реонот Острово, а исто така и уништување на единствената зелена површина во радиус од пар километри на потегот помеѓу Мајчин дом и Три бисери. Просторот зад здравствената установа е пренаменет во простор за паркинг, наместо досегашното паркче. Голем број на наши сограѓани деновиве пишуваа претставки до месната заедница Острово, со право бунејќи се за уште едно видоизменување на дел од населбата. Последните зелени површини се претвораат во паркинзи и станбени објекти, како да нема веќе доволен број на исти во целата населба. Повторно, во случај како и со нашата проблематика околу односот со управата на МЗТ Скопје – читај градоначалникот, се работи за своеглави одлуки со кои задоволни ќе бидат само бизнис партнерите. Ќе трпиме ние, обичните граѓани кои секојдневно гледаме како Аеродром се претвора во нешто што не сакаме да биде.

Повторно проблемот е кај оние кои не сакаат да ги слушнат размислувањата на другите, не допуштаат да има дебата, не оставаат простор за договор туку по пат на тивка тиранија ги донесуваат овие срамни одлуки. Сме се огласиле за се што сметаме дека е наша одговорност, за се што сметаме дека е од интерес на целата населба Аеродром. Иако поголемиот дел од групата е од помладата популација, но знаеме да размислуваме со своја глава дека за брзо време нашите деца ќе треба да ги раснеме наместо на игралиште на паркинг, нашите деца ќе се задушуваат од се поголемото загадување во воздухот.

Текстот и одлуката да се напише истиот во ова деликатно време за нашата група е знак дека иако не сме активни на трибината сепак сме, тука подготвени да застанеме во одбрана на нормалното живеење во населбата. Не сме политички определени, ниту пак некогаш сме биле, иако многу пати сме биле етикетирани и од едната и од другата страна. Немаме лично ништо против никого, против ниеден функционер ниту активист, единствено сакаме да дадеме поддршка иако истата во многу наврати не сме ја добиле. А сме ја заслужиле, и тоа сега многумина го согледуваат.
Аеродром постоел далеку пред доаѓањето на оваа гарнитура. Аеродром и понатаму ќе постои и ќе биде најубавата општина во цело Скопје. Но тоа нема да биде така заради новата сала, комплексот згради, Капитол, неколкуте цркви или пак фонтани. Ќе биде така затоа што во неа живеат луѓе кои 100% ја сакаат и нема да дозволат некој од неа да прави Дизниленд.

Повик до сите оние кои се сметаат за дел од групата да поднесат претставки во МК Острово (Скопјанка) секој ден од 09.30 до 17.30, до 29-ти овој месец. На тој начин се придонесува ако ништо друго да се изрази мислењето, да се каже ставот на кој сите ние стоиме. Се е подобро отколку да се молчи, макар исходот на крај бил неуспешен.“

Би можело да ве интересира

Aеродромот Шарлроа во Брисел е најлошиот аеродром во светот

Горан Наумовски

Девојка од Петровец била истепана во Аеродром

Авион итно слета на аеродромот во Белград: Патникот почина, му се слошило на летот од Германија

Уапсен турски државјанин на скопскиот аеродром, со фалсификувани визи сакал да влезе во Македонија

А1он

Жена нападната на Меѓународниот аеродром во Скопје

Тепачка во Аеродром: Бабата со тврд предмет го нападнала зетот