ЕВН Македонија го санира 110 киловолтниот столб кој беше зафатен од лизгање на земјиштето во близина на населбата Драчево.
Од компанијата велат дека лизгањето на земјиштето е предизвикано од градежни активности од трето лице и во опасност да падне е 110 киловолтниот столб на трасата од Трафостаница Скопје 4 (400/110 киловолтна) кон Трафостаница Драчево 1 (110/10 киловолтна).
Од општина Кисела Вода, пак, истакнуваат дека на овој потег подолго време нема градежни активности.
– Од увидот на лице место, инспекциските служби од општина Кисела Вода утврдија дека има благо навалување на металниот столб од далекуводот пред мостот во Драчево, на страната спротивно од потпорниот ѕид, кој постои од пред повеќе од 5 години. На ова место нема никакви градежни активности веќе подолго време, па тоа не може да биде причина за слизнувањето на земјиштето кое постои на потегот до селото Љубош-Батинци, соопти општина Кисела Вода.
Претпоставуваме, се вели во соопштението, дека слизнувањето се должи на поројните дождови кои ги имаше во изминатиот период.
– Поради ова проблеми со напојувањето имаат корисниците од населените места Драчево, Батинци, Љубош, Количани, Китка, Црвена Вода, Алдинци, Караџица, Солунска глава, Палиград, Цветово и Варвара, соопшти ЕВН Македонија.
Оттаму нагласуваат дека се бара решение за дислокација на столбот затоа што секој час се менува состојбата со земјиштето.
– Можно е ако има врнежи од дожд целото земјиште да заврши на магистралниот пат Скопје – Драчево заедно со столбот. Во моментов екипите работат на демонтирање на проблематичниот столб и осигурување на соседните два столба, кои може да бидат доведени во опасност.Во истовреме се работи на воспоставување на нормално снабдување со енергија на населените места. Бидејќи поради прекинот на оваа врска нема доволно моќност за трафостаницата Драчево 2 (35/10 киловолтен), се преземаат алтернативни решенија, прецизираат од ЕВН Македонија.
Посочуваат дека се префрлаат корисниците на други напојни точки, а поголема моќност ќе се обезбеди со поставување на нов трансформатор.
– Ова значи дека корисниците ќе бидат повеќе часа без напојување за да може екипите непречено да работат на монтирање на новиот трансформатор. Проценките велат дека до ноќните часови ќе биде под напон новиот трансформатор со два пати поголема моќност од стариот и ќе биде нормализирано снабдувањето со електрична енергија на населените места, потенцираат од ЕВН Македонија.
Геолошките испитувања, додаваат, ќе треба да покажат каде ќе минува новата траса.
– Додека целосно не се санира далекуводот, Драчево и другите населени места ќе се снабдуваат со енергија од алтернативните решенија. Затоа апелираме на разбирање од корисниците за евентуалните можни прекини во снабдувањето и на разумно користење на електричната енергија додека трае санирањето. Ако не се намали потрошувачката можно е да се применат и други мерки, соопштуваат од ЕВН Македонија.
За ситуацијата се известени Центарот за исвестување и тревога на РМ, како и надлежните кои треба да преземат соодветни мерки и да истражат како е дојдено до лизгањето на земјиштето.