ЕВФ: Носењето кацига на велосипед не треба да биде задолжително

Од:

Иницијативата „На Точак“ доби поддршка од Европската велосипедска федерација. Во обидот да ја спречат одлуката сите велосипедисти задолжително да носат кациги, ЕВФ дал заклучок дека носењето кацига не треба да биде задолжително, зашто со тоа ќе се намалел бројот на оние кои ќе користат велосипед како средство за превоз.

Заедно со заклучокот на Европската велосипедска федерација, иницијативата „На точак“ прати писмо до министерката за внатрешни Јанкуловска, до Никола Тодоров и до министерот за транспорт и врски Миле Јанакиески, како и до републичкиот совет за безбедност во сообраќајот.

Писмото адресирано до ресорните министри ви го пренесуваме во целост:

„Почитуван Министре,

Замолени сме од страна на “НаТочак” да Ви се обратиме во врска со иницијативата на Вашата администрација за законски задолжително носење кациги за велосипедистите. Би сакале да Ви го изнесеме ставот на Европската велосипедска федерација поддржувајќи ја организацијата “НаТочак” во однос на прашањето и законската регулатива за носењето кациги за велосипедистите.

Законска регулатива за кацигите

Европската велосипедска федерација е категорично против тоа сите велосипедисти да бидат принудени да носат кациги. Единствената потврдена последица на законите за задолжително несење кациги е значително намалување на бројот на велосипедистите. Се покажа дека намалувањето на бројот на велосипедистите го зголемува ризикот за секој поединечен велосипедист. Велосипедистите по правило живеат подолго и поздраво; сериозни повреди на главата кај нив се ретки, а аргументите во прилог на носењето кациги и законите за кациги се слаби. Главниот ефект на законите за кациги не е зголемување на безбедноста на велосипедистите, туку обесхрабрување на луѓето да возат велосипед, со што се поткопува здравствената и друга корист.

ECF се залага за унапредување на возењето велосипед и на безбедноста на патиштата и затоа е против законската регулатива за задолжително носење кациги, од следните причини:

• Во земјите каде што се воведени мерки за задолжително носење кациги вообичаено доаѓа до намалување на бројот на велосипедистите од 20-30%.

• Поради огромната корист од секојдневното возење велосипед за здравјето, секаква интервенција од аспект на безбедноста на патиштата што го намалува или негативно влијае врз бројот на велосипедистите секогаш доведува до штета по јавното здравје, токму спротивно од целите на таа интервенција (de Jong 2012).

• Разни студии покажуваат дека во земјите каде што се поттикнува возењето велосипед и каде што има голем број луѓе кои одат на работа со велосипед се забележува “безбедност поради многубројноста” (т.е. колку е поголем бројот на велосипедистите – толку е поголема безбедноста за секој поединечен велосипедист). На тој начин, со намалувањето на бројот на велосипедистите поради законската регулатива за задолжително носење кациги се зголемува ризикот за преостанатите велосипедисти (Jacobsen 2003).

• Законите за задолжително носење кациги го обесхрабруваат возењето велосипед прикажувајќи го како абнормално опасно, иако податоците потврдуваат дека веројатноста да загинете возејќи велосипед е помала отколку ако го поминете истото растојание одејќи пеш (Wardlaw 2002).

• Помала е веројатноста од повреда на главата кај велосипедист отколку кај повреден пешак или човек што се вози во кола (ONISR 2005).

• Велосипедските кациги се предвидени само да штитат од помали удари и контакти, а не од судир со моторни возила; ова јасно може да се види од стандардите на ЕУ.

• Земјите во кои се воведени закони за задолжително носење кациги не успеаја да ги намалат стапките на повреди на главата и покрај зголемувањето на стапките на носење кацига (Cameron, Heiman and Neiger, 1992; Smith and Milthorpe, 1993; Scuffham and Langley, 1997).

Подобри мерки за безбедност

Ја повикуваме Вашата администрација да се фокусира на успешно докажани мерки за унапредување на возењето велосипед и за доброто на велосипедистите, на пример:

• Намалување на брзината. Ова е еден од најдобрите начини за намалување на бројот на жртвите меѓу велосипедистите (и другите корисници на патиштата). Прекумерната брзина е директно одговорна една петина од сите судири и една третина од сите смртни случаи на патиштата. Се проценува дека намалувањето на просечната брзина на сообраќајот од 10% доведува до намалување од 37,8% во бројот на смртните случаи (Elvik, R et al, 2004). За споредба, се проценува дека намалувањето од 10% на “возењето ноќе” или “возењето под дејство на алкохол” доведува до намалување на бројот на смртните случаи од 1,7%, односно 1,0%.

• Издвоена инфраструктура. Онаму каде што не може да се намали брзината или обемот на сообраќајот, велосипедистите треба физички да се одделат од сообраќајот на моторни возила. Постојат голем број добри примери за планирање на инфраструктурата во целиот свет, на пример во земји како што се Холандија, Данска или Германија.

Заклучок

• Носењето кацига не треба да биде задолжително; велосипедистите треба да имаат право на избор дали ќе носат кацига или не. Забраната за возење велосипед без кацига секогаш ќе има лоши последици во однос на јавното здравје.

• Постојат многу подобри интервенции од задолжителното носење кациги преку законска регулатива. Најважна меѓу нив е намалувањето на брзината на моторните возила.

Д-р Бернхард Енсинк

Генерален секретар,

Европска велосипедска федерација“

Би можело да ве интересира

АХВ нареди времено затворање на кујната во касарната „Гоце Делчев“

Горан Наумовски

Во Скопје се санираат штетите од синоќешното невреме

Повеќе од 12 часа делови од Скопје без струја

Од силниот ветер падна дрво и повреди жена во центарот на Скопје

Катерина Ѓуровски

Во Тетово и во Скопје уште се санираат последиците од невремето

Невремето остави хаос во Тетово, се санираат штети и во Скопје

Катерина Ѓуровски