Електронски ќе се бира идејно решение за плажи на Преспанско и Дојранско Езеро

Од:

Девет идејни решенија, од кои четири за плажи на Преспанското Езеро и пет за плажи на Дојранското Езеро пристигнаа на конкурсот за изработка на идејно архитектонско – урбанистички решенија за уредување плажи на езерата, објавен од Министерството за транспорт и врски во август годинава.

За идејните решенија кои веќе се поставени на интернет-страницата на Министерството за транспорт и врски граѓаните ќе можат да гласаат преку електронска анкета.

Со конкурсот се опфатени локациите на Дојранското Езеро: „Граница Николиќ“, со должина од 100 метри „Калдрма“ – 200 метри, „Карач“ – 100 метри, плажа кај одмаралиште „Титови Пионери“ – 150, „Стара Мрдаја“ – 400 метри и плажите бр. 7,8,9 и 10 во централното градско подрачје со вкупна должина од 400 метри. На Преспанско Езеро, конкурсот се однесува на локациите: „Крани“ со должина од 500 метри, „Отешево“ – 100 метри, „Коњско“ – 200 метри, „Сливница“ – 100 метри и „Претор“ во централното подрачје со должина од 500 метри.

Концептот на заштитата на природната средина и зачувување на автентичноста на некои од обележјата, кои се јавуваат како специфични за тој регион, при изработка на архитектонско-идејното решение беше основно начело што се бараше на конкурсот.

Предвидено е на плажите да има планирана песочна површина која би се изнивелирала и попесочила со соодветен автохтон песок, да се почитува постојното зеленило и да се дооформи со автохтони видови, хортикултурно и партерно да се уреди со поставување клупи, фонтани за питка вода, детски игралишта, пешачки патеки од монтажно – демонтажни материјали.

Сервисниот пункт на плажите треба да има шанк со кабина за музика со спецификација на опрема, место за озвучување, санитарен јазол, тушеви, соблекувални, прирачна остава за чадори, лежалки и други реквизити. Треба да биде обележан просторот за капење во езерото заради заштита на капачите од пловни објекти и да се предвиди место за служба за спасување, а местото за седење на спасителот да се осмисли во духот на целата плажа. На плажата треба да се предвидат и места за информативни паноа, безжичен интернет и други погодности за забава и престој.

Откако ќе се изберат идејните решенија ќе се пристапи кон изработка на основните проекти, а потоа ќе се спроведе постапка за издавање на плажите на управување и ќе се дефинираат деталите на колку време ќе се издаваат под закуп и кои ќе бидат условите за идните концесионери.

– Изработките на идејно архитектонско – урбанистички решенија за уредување на плажите на Дојранското Езеро и Преспанското Езеро претставуваат основа за натамошно уредување согласно современите туристички стандарди, како би можеле во текот на туристичката сезона да бидат подготвени сите предуслови за пречек на туристите, велат од Министерството за транспорт и врски.

Би можело да ве интересира

Грчки државјанин удрил во две возила кај Стар Дојран

Албански државјани нелегално влегле во Македонија – ги откриле на граница кај Дојран

Двајца мажи краделе во туристички капацитети и викенд-куќи во Дојран

Се шири пожарот кај Дојран, се очекува поддршка за гаснење од воздух

Горан Наумовски

Уапсени дваесет лица, од кои еден Грк: Фатени се со дрога на фестивал во Дојран

Орце Костов

Градоначалникот на Дојран бара во летниот период да проработи Хидросистемот „Ѓавато“

Ана Ололовска