Експертите согласни за недоследностите во системот за управување со кризи и заштита и спасување

Од:

Експертите од областа на безбедноста сметаат дека системските недоследности кај институциите, несоодветната нормативна уреденост на надлежностите, преклопувањето на ингеренциите и овластувањата во менаџирањето со кризите го зголемуваат ризикот од несакани последици при појава и справувањето со кризни ситуации.

Учесниците на Меѓународната безбедносна конференција, што во организација на Факултетот за безбедност се одржува во Охрид, сметаат дека примерите со неодамнешните кризни ситуации како пожарите во земјата и несреќата во тетовската болница само ги потврдуваат посочените недоследности.

Универзитетскиот професор Цане Мојаноски посочува дека секоја организација и структура во која доминантен е човечкиот фактор бележи потфрлање во одредени ситуации, но ја нагласува потребата од постојано и активно да се работи на минализирање на пропустите. Тој посочува дека институциите немаат добра кондиција, не се подготвени да се справат со неочекувани ситуации и оти реагираат бавно при соочување со кризите.

– Несреќите покажаа и колку сме индиферентни кон одредени настани. Колку од нас се пријавија како доброволци и разбраа дека се работи за безбедносен проблем на општеството. Институционалната рамка не секогаш има сценарија за да одговори на предизивиците. Општеството има нормативи, но отсуствува ентузијазам кај граѓанството кое е немотивирано. Државата не може добро да функционира без мотивирано граѓанство, а да има мотивирано граѓанство треба и институциите да бидат организирани, вели Мојаноски.

За случајот со пожарот во модуларната болница во Тетово, Мојаноски истакна дека мора да биде даден одговор за безбедносните стандарди по кои е граден објектот.

– Оние кои раководат со институциите, без разлика на кое ниво, мора да имаат одговор за сите прашања. Несреќите како последната во Тетово треба да бидат лекција, понесување морално-политичка одговорност, кривично – правна одговорност, а на општествен план да дадат уверувања за одговорноста на институциите. Апсолутно, државните органи бескомпромисно да постапуваат бидејќи ваквите случаи само ја поткопуваат довербата во институциите, овојпат во здравствениот систем. Значи, рестриктивни мерки мора да постојат, категоричен е Мојаноски.

Деканот на Факултетот за безбедност Никола Дујовски смета дека пожарите што избувнаа во земјата ги отсликуваат неспособностите на системот за заштита од пожари да одговори на предизвиците, односно дека системот многу заостанува зад европските стандарди.

– Она што го покажаа Словенците и Австријците кои учествуваа во справувањето со пожарите е дека не постои систем што ќе ги заштити граѓаните од несакани последици, вели тој.

За случајот со тетовската болница, Дујовски посочи дека и справувањето со здравствената криза претставува безбедносна закана.

Тој е свесен дека модуларните болници спасиле многу животи, но пожарот во Тетово покажал дека постои и опасност, што значи дека мора да се работи на обезбедување на останатите модуларни болници за да не се дозволи повторување на слични трагедии.

– Превентивна проверка на материјалите вгадени во објектите, начинот на кој се раководи со објектот, режимот на влез и излез на лица во објектите, како се третираат болните, тоа е начинот на менаџирање, изјави Дујовски, а за одговорноста рече дека доколку се утврди човечка вина, тогаш тоа да да повлече и одговорност и тоа со име и презиме, а не да се шпекулира со некаква колективна вина.

Професорот и проректор на Универзитетот „Свети Климент Охридски“, Марјан Ѓуровски, за последниот настан во Тетово рече дека е потврда на системските слабости и нефункционалности, правна нерегулираност на безбедносниот-политички систем во земјата.

– Во настанот во Тетово има премногу политика, една оставка нема да го реши проблемот. Треба да се остави органите да ја спроведат истрагата. Тука се инволвирани бројни актери кои по којзнае кој пат ја потврдуваат нефункционалноста на системот…Треба да се извлечат поуки и врз основа на нив да се уреди системот за управување со кризи и заштита и спасување. Кризата покажа дека сите одговорно, и власта и опозицијата, на сите нивоа на власта треба да дојдат до оптимално решение затоа што на крајот цената ја плаќаат граѓаните, рече Ѓуровски.

Тој позитивно го оценува странскиот мониторинг во истрагата, од аспект на транспарентност во целата процедура. Смета дека притисокот треба да биде врз истражните органи независно да ја спроведат истрагата бидејќи неговиот став е дека покрај носителите на политички функции, во случајот се инволвирани и други субјекти – архитекти, инжинери, лица вклучени во јавни набавки.

– Тоа е системска слабост. Оставката на министерот и брзоплетоста во истрагата нема да го реши проблемот и да ги лоцира одговорностите и слабостите. Какво било шпекулирање е неодговорно, и оттаму притисокот треба да биде врз обвинителството и истражните органи. Кризите покажаа дека покрај системската слабост и правната нерегулираност на безбедносниот и судскиот систем, корупцијата и организираниот криминал се суштински елемент во разјадувањето на системот, што е сериозна безбедносна закана и ризик, рече Ѓуровски.

Би можело да ве интересира

Се очекува „Ер трактори“ да се вклучат во гаснењето на пожарот на Огражден, на границата со Бугарија

A1on

ВИДЕО: Со полициски хеликоптер извлечен човек со скршена нога од врвот на Водно

Жена од охридско се загубила синоќа берејќи печурки, пронајдена е утрово

Катерина Ѓуровски

ВИДЕО: Опасност од прелевање на браната „Калиманци“, запрен истекот на водата од „Вруток“

Катерина Ѓуровски

Од невремето во Кочани поплавени домови, паднати дрвја, скинати кабли од електрични линии

Катерина Ѓуровски

Се воведува европскиот број за итни повици Е-112