Фрапантни бројки во трошење на државните пари, непродуктивни инвестиции и лоша структура на долгот. Ова се само дел од забелешките на економските експерти кои денеска се обратија пред граѓаните во антивладиниот камп пред Владата на Република Македонија.
Новинарот Младен Чадиковски истакна дека слободните економски зони не ја сочинуваат реалната економија, а бројките на јавните набавки се фрапантни.
-Придонесите на вработените на луѓето што работат за осум илјади денари плата во странските слободните економски зони ги плаќаме ние, ги плаќа државата. Тоа не е реална економија, тоа е фиктивна економија. Таквите инвестиции се движечки, летачки инвестиции, тие ќе постојат додека ги плаќаме придонсите за вработените, веднаш утредента кога тоа ќе заврши ќе си заминат. Бројките се фрапантни во секој сектор, јавните набавки во земјава учествуваат со дури 12 проценти во БДП. Годишно, државните институции трошат повеќе од 900 милиони евра, за набавка на стоки, услуги работи, тоа е 35 отсто од буџетот на земјата. За каква тогаш економија зборуваме? За каков политички систем зборуваме? праша Чадиковски.
Според универзитетскиот професор Крсте Шајноски, државата парите ги распределува на непродуктивни трошења, а дополнителен проблем на буџет се слободните економски зони кои претставуваат лоша распределба на богатството кое се создава во земјава.
-Во 2006 сме имале буџет од 1,7 милијарди евра. Во таа година сме оствариле економски раст од 5,2 проценти. Во 2014 имаме буџет од 3 милијарди евра, а остварувам раст од 3 и нешто проценти. Каде се парите? Парите се отидени на непродуктивни трошења, односно расходи, од кои интерес имаат единствено оние кои ги склучуваат договорите, како што впрочем можевме да видиме и од снимките.
– Во моментов македонската економија регистрира силни загуби како резултат на инвестициите кои ги направи во тие економски зони, како резултат на ослободувањата кои им ги даде на компаниите во тие економски зони.
Не се полни буџетот, затоа што тие компании се ослободени од плаќање на данок. Кога ќе истече периодот кој им е дозволен за ослободување од данок, ќе ја пререгистрираат фирмата во нова фирма и потоа продолжуваат повторно да работат со сите бенефиции кои им ги дава оваа држава. Се работи за лоша прераспределба на богатството кое се создава во земјата. Иамем исклучителна, во исто време и нетранспаретност.
Видете што се случува со тендерите, со јавните набавки. Во добар дел од разговорите кои ни ги презентира опозицијата можеме да слушнеме како тоа се обезбедуваат тендери, во која линија, кој се провизиите кој се земаат. Сето тоа се плаќа од буџетот.Многу често може да слушнете Владата дала средства.Владата не дала, народот дава. Тие пари се пари на народот, е работи за класично спинување на информации, посочи Шајноски.
Според Шајновски лошата структура на долгот која води до постојано враќање на стари долгови е исклучително ризична за Македонија. Тој порача дека идната Влада би требало да создаде клима за работа во приватен бизнис, а не во админстрација.
-Сакам да упатам апел до се надевам новата Влада која во скоро време ќе ја видиме. Немојте да наседнувате на популизмот и на системот на менаџирање на власта кои како совршенство го изработи оваа Влада. Ова важи и за нас граѓаните. Многу е убаво да слушнете дека ќе имате субвенции, дека ќе се возите со автобус без пари, ќе идеме во бања без пари, сето тоа е лоша прераспределба. Тоа се моментално слатки работи кои понатаму генерираат големи последици.
Новата Влада треба да воспостави нов развоен систем во кој ќе ги постави на здрави темели пазарните односи и односот на државата кон пазарните односи. Значи не треба да се радуваме ние државата да ни даде, треба да се радуваме државата да создаде клима ние сами да си обезбедиме. Мислам дека сосема погрешна тезата да бараме и во иднина да биде квалитет да се вработиме во администрацијата. Никаде во нормалниот свет луѓето не сакаат да работат во администрација, нема ништо подобро од тоа да работите во приватен бизнис, доколку бизнис климата е каква што треба.
Мислам дека доколку следните кои ќе дојдат ќе воспостават систем во кој бизнисот ќе го запоседне вистинското место, ќе им се создаде услови фирмите да функционираат по вистински пазарни принципи, мислам дека на тој начин и новите министри ќе имаат многу лесна работа и во начинот на менаџирање на економските политики, а населението ќе биде многу позадоволно, отколку што е сега, вели Шајноски.
Свое обраќање во антивладиниот камп имаше и бизмисменот Борче Чупетрески. По дваесет години работа за подобра иднина, Чупетрески вели дека денеска се соочува со тортура.
-Јас сум човек кој доаѓа од бизнис сектор, човек кој не спие 24 часа, човек кој се бори да обезбеди плата за своите вработени секој месец, човек кој ги нема погледнато своите деца како растат. Ги изгубив. Дома се, меѓутоа не можам да ги видам, затоа што 20 години се трудев да создадам капитал и добра иднина и за моите деца и за моите вработени.
Не можам да најдам зборови во ниту еден речник којшто можат она што секој ден го доживуваме во овие девет години. Во оваа тортура, во ова неопштество, во овој криминал, во овој притисок. Погледнете го моето лице и мојата кожа ќе видите резултат. Ова е стресот секое сабајле се будам и се прашувам дали денеска мојата фирма ќе остане, дали ќе преживее. Единствен збор што во речникот што го најдов и вреди да се спомене и да го објасни она што го доживуваме – оставка. Оди си и оставка. Остави не да твориме во оваа држава. Остави а твориме она што го направивме пред 20 години, вели Чупетрески.
„Денес зборот бизнисменот значи граѓанин од втор ред. Јас мојот капитал што сум го спечалил во целиот свој живот, не можат да го инвестирам под исти услови како некој странец. Кој се условите кои што јас можам да отворам ново работно место? Ослободен од даноци, ослободен од придонеси, ослободен од земјиште-да не плаќа комуналии, тоа се бенифиции, плус субвении за отворено работно место. За разлика пак јас – граѓанин од втор ред што добивам? Казни, притисоци, инспекции, даноци, што сум јас? Јас сум роб на сопственото општество.
Доста е, не третираат како криминалци во вистинска смисла на зборот, не казнуваат секоја година барем по еднаш. Измислени казни и законски регулативи. Не можеме повеќе да го издржиме притисокот, не можеме да ја согледаме иднината, немаме иднина со оваа власт. Даваат милиони за кампањи, а за бизнисот 100 илјади, што е ова кражба?
Би сакал да ги замолам сите чесни Македонци ки го полнат буџетот секој месец да го кренат својот глас, да излезат овде заедно како јас, да не се плашат, затоа што нема повеќе што да изгубиме, изгубивме се, остана само нашата душа, а ако сакаат да ја земат нека повелат, уште нејзе можеме да ја дадеме под хипотека.“ додава тој.
Политичарот Драган Тевдовски смета дека Македонија треба за пример да ги земе практиките на Скандинавските земји, каде држава е на страната на мнозинството граѓани, а не на богатите.
-Македонија има најнефер распределба на доходот во Европа според сит еподатоци на релевантни организации. Македонија е блиска единствено до латино-американските земји кои се познати по неправедноста во распределбата на доходот и богатството. Овие земји се познати по банди, по сиромаштија. Еве неколку идеи што можеме да преземеме во вакво оштество. Високи владини министри да бидат вклучени проекти каде ќе возат велосипеди, да покажат дека баш тоа е да се биде нешто големо нема потреба да се има луксузен автомобил, а второ тоа ќе ја спаси земјава од значајни одливи на девизни средства од нафта па се до луксузни автомобили. На Макеоднија и треба даночен систем кој ќе обезбеди правична распределба на доходот и богатството. Тука може да имаме поправеден персонален данок на доход, кој ќе има повеќе даночни стапки кој ќе бидат повисоки за најбогатите граѓани, а за оние луѓе што имаат најмал доход ќе им го врати платениот данок. Второ Македонија треба да има повисоки даночни стапки на имот на оние луѓе кои имаат повеќе куќи и станови, вели Тевдовски.
Според него поволно би било доколку се воведе и праведност при плаќањето на јавни услуги, но најважно од се, приоритет на Владата да бидат домашните претпријатија.
-Ако сакате дете да оди во градинка, за богатите семејства да се плати целосна сума, а тие со најнизок доход да бидат целосно ослободени од плаќањето. Може да се направи да има адекватно враќање на парите од даноците, преку социјални трансфери на тие најмногу што им требаат.
Ние мораме во Македонија да ги смениме приоритетите за развојот на економијата и да поставиме нови приорите, а новите да бидат спротивни на постојните. Тоа треба да бидат домашните претпријатија, долгорошните државни инвестиции и растот на платите. Домашните претпријатија мора да бидат приоритет за новата Влада. Ние мислиме дека годишната поддршка треба да биде барем 50 милиони евра за домашните претпријатија за да почне нешто значајно да се менува во земјата и фокусот мора да биде на оние претпријатија кои даваат повисока додадена вредност. На странските инвестиции не треба да се гледа како замена на домашните, туку само како нивно дополнување, затоа треба да се продолжи со привлекување на странски инвестиции. Тие се потребни, бидејќи носат нови технологии. Мора да се води грижа за постојните странски инвестиции, но во земјава мора знаеме дека треба да направиме една цврста основа од домашни претпријатија.
Второ нешто, ни требаат долгорочни инвестиции во енергентски објекти и во инфраструктура. Единствениот начин тоа да се направи е да се постигне еден конзензус за инвестиции кои ќе треба да се направат во период од 15 години и сите партии да преземат обврска кога ќе дојдат на власт дека ќе ги реализираат.
Третиот елемент се платите. Ниските плати не направија добро, не оставија во сиромаштија. Се додека ниските плати не почнат да растат, нашите луѓе ќе продолжат да се иселуваат и да работат и секакви работи во туѓина. Главниот начин за да почнат платите да растат е да ја зголемиме продуктивноста во економијата на долг рок. За тоа да го направиме на Македонија и треба сериозна реформа во образованието, но не фокусирана на тестови и испитувања – туку на квалитетот во образованието, вели Тевдовски.
Обраќањето на луѓето од економската сфера со внимание го проследија граѓаните во антивладиниот камп. Дел од нив велатактуелната власт ги претерала сите можни граници на толеранција и затоа е време да си оди.
-Што мислите зошто сум тука, од што ми е убаво? Јас сум пензионер, но мојата ќерка е дипломиран економист, а работи како шнајдерка, ете затоа секој ден доаѓам да протестирам, ни раскажа повозрасен граѓанин кој беше дел од публиката за време на трибината.
„Сè преку глава. Не знам оваа Влада, новата што ќе дојде дали ќе може да отплати се ова, нашите правнуци ќе имаат долг.“, вели друга граѓанка присутна во кампот.
Реалниот приказ на економската состојба повторно го доближи македонското секојдневие до граѓаните кои љубопитно го слушаа секое обраќање на четворицата говорници. Присутните скандираа „оставка“ и ги поздравуваа предлозите кои говорниците ги понудија за новата Влада.
Ова е единаесетти ден како граѓаните поставија кампови пред Владата и бараат оставки и одговорност за прислушуваните разговори кои ги обелодени лидерот на СДСМ Зоран Заев, а кои укажуваат за наводен криминал и корупција договорен директно од челниците на власта.
Секоја вечер во антивладиниот камп се организираат дискусии и обраќања чиј фокус е одреден сектор во земјава, со анализа и дебата за тековната состојба, но и сугестии како нештата да се подобрат во иднина.