Невремето што синоќа го зафати Куманово најголем проблем напрви на најниските точки во градот, булеварот „Октомвриска револуција“ и улицата „Никола Тесла“. Градоначалникот на Општина Куманово Максим Димитриевски информира дека надлежните уште вчера интервенирале на санирање на состојбата.
Тој истакна дека екипите на надлежните служби, пред се на Јавното претпријатие „Водовод“ уште вчера интервенираа при отварање на шахтите на атмосферската канализација и помогнаа водата да не се слева по улиците, но, според него голем проблем се затнатите отвори на канализациската мрежа од смет.
– Атмосферската канализација е во таква состојба каква што е, но морам да забележам дека имаше огромна количина смет што ја фрлале несовесните граѓани, што предизивика дополнителен проблем во прифаќањето на водата и ја отежнаа работата, изјави Димитриевски.
Додаде дека екипите на ЈП „Чистота и зеленило“ интервенирале првин на најкритичните точки каде физички го отстраниле сметот, по што биле испрани улиците.
Најави дека ќе продолжат во таа насока и денеска и во наредните денови, иако, како што оцени, нема некоја посериозна штета.
Како што истакна евидентно е дека нивото на реката е подигнато и дека надлежните служби ја следат состојбата, на одредени места ќе се интеревенира со механизација за да не дојде до излевање на речното корито.
– Ова високо ниво на вода направи дополнителни проблеми во реализација на втората фаза од регулацјата на речното корито на Липковка, дел од она што веќе е сработено од изведувачот, во дел е уништено, но тоа ќе се поправи, додаде Димитриевски.
Вчера пред 20 часот, пороен дожд и град го зафати Куманово.