Европската комисија се уште не одговорила на писмото-покана од македонското обвинителство за испраќање меѓународни ескперти по право со цел да ги набљудуваат актуелните случаи.
Портпаролката на Еврокомисијата, Маја Коцијанчич, денеска посочи дека Брисел се уште не одлучил дали и кого ќе испрати да го мониторираат сите процеси.
– Во оваа фаза немам многу што да кажам. Ние примивме писмо, но и ставивме до знаење што се нашите очекувања и во моментов немам некаква нова информација. Кога ќе имам нешто повеќе, ќе бидам среќна да го споделам. истакна Коцијанчич.
Запрашана дали е вистина дека еврокомесарот за преговори за проширување Јоханес Хан, веќе дал потврда за испраќање правни експерти во Македонија, гласноговорничката на неформалната Влада на Европската унија одби да одговори.
-Јавното обвинителство има капацитет да се справи со сите предмети, но во насока на нашата транспарентност, како и со цел оневозможување на шпекулациите за работењето на јавните обвинители во предметите поврзани со актуелните случувања, Јавното обвинителство на Република Македонија достави официјална покана до органите на Европската Унија за испраќање на меѓународни експерти кои би биле во тек со работата на јавните обвинители по актуелните предмети.
Ваквата одлука е одраз на цврстиот став дека јавните обвинители доследно постапуваат согласно законите и дека јавноста нема причина за сомневање за нивното постапување. Овозможувањето меѓународни експерти да бидат во тек со работата по предметите е само поради целосна транспарентност при работењето и отстранување на евентуалните сомнежи во објективноста на нашето постапување, соопштија од обвинитеството при повикот на странски набљудивачи.
Опозицијата во неколку наврати посочи дека овие процеси не може да ги води обвинителстото под палка на Марко Зврлевски, со оглед дека се знае каков ќе биде исходот, имајќи ја во предвид неговата соработка со власта. Експертите се согласуваат со ваквиот став и барааат сосема независен обвинител, но и напоменуваат дека странските набљудувачи немаат никакви ингернции и ќе имаат само увид во оние докази кои ќе им ги презентира обвинителството.