Претседателот на СДСМ, Бранко Црвенковски, денеска оствари работна средба со високи претставници на Европската комисија, со генералниот директор на Генералниот директорат за проширување на ЕК, Стефан Санино и шефот на Одделот за Македонија во Директоратот, Дејвид Кален.
Тема на средбата бил напредокот на Македонија во евро интегративниот процес како и состојбите во регионот со акцент на интеграција во Европската унија.
„Високите претставници на ЕК изразија надеж дека на претстојниот Самит на ЕУ во декември ќе се придвижи процесот на евро интеграција на Република Македонија. Клучно прашање ќе биде дали Македонија ќе добие датум за отпочнување на преговори за членство во ЕУ“, стои во соопштението од партијата.
Европската комисија, се вели во соопштението, има позитивни очекувања и смета дека паралелен процес на преговори за пристапување во ЕУ и преговори за решавање на спорот со името може да ги придвижи работите и да ја натера владата да се фокусира на ЕУ агендата со засилена работа на посочените приоритети. ЕК верува дека придвижувањето на процесот во следната фаза, освен што ќе ја притисне владата да спроведува реформи, ќе го намали и ризикот од враќање на националистичките теми. Датумот за преговори, според ЕК, ќе помогне да се создадат услови за решавање на спорот со името во рана фаза на процесот на пристапување.
„Претседателот Црвенковски истакна дека СДСМ како политичка партија ќе продолжи со својата конструктивна политика на планот на исполнување на реформите за членство на Македонија во ЕУ. Во таа насока, Црвенковски посочи дека СДСМ ќе го поздрави секој напредок на Република Македонија.Високите претставници на Европската комисија ја поздравија конструктивната улога на СДСМ и оценија дека таа е од исклучителна важност за Република Македонија особено поради тоа што напредокот на земјата кон ЕУ е заложба на сите граѓани, на целото општество а не на одделни влади или политички партии“, стои во партиското соопштение.