ЕК: Македонија ќе ги добие средствата за пред-финансирање што е можно поскоро

Од:

Се работи на тоа исплатата на средствата од пред финансирањето за Северна Македонија во рамки на Планот за раст за Западниот Балкан да се случи што е можно поскоро, изјави портпарол на Европската Комисија.

– Службите на Комисијата го добија барањето за пред финансирање поднесено од Северна Македонија и сега ги финализираат процедуралните чекори, кои треба да овозможат ослободувањето на пред финансирањето да се случи што е можно поскоро во 2025 година, изјави портпаролот.

Тој потсети дека Реформската агенда, која опфаќа реформи во областа на основните права и социо-економски реформи, земјава ги поднесе лани во јули, по што Еврокомисијата оцени и заклучи дека таа е во согласност со целите и барањата на Инструментот за реформи и раст за Западниот Балкан.

Реформската агенда беше одобрена на 23 октомври 2024 година со Одлука за спроведување на Комисијата, по позитивно мислење од земјите членки (во Комитетот ИПА III). За да започнат реформите, земјите може да побараат до седум отсто средства во форма на пред финансирање. Тоа го побараа сите пет корисници со одобрени реформски агенди. Ова ја вклучува и Северна Македонија, истакна портпаролот.

Тој додаде дека Планот за раст на Западниот Балкан нуди патоказ за приближување на економиите на земјите од регионот до Европската Унија.

– Поконкретно, тоа се шест милијарди евра инвестиции, а принципот е и инвестиции и реформи, што обезбедува постепен пристап до единствениот пазар, овозможувајќи им на граѓаните од Западниот Балкан да пред време да почувствуваат некои придобивки од интеграцијата во ЕУ, изјави портпарол на Европската Комисија.

Министерот за европски прашања Орхан Муртезани на 13 ноември минатата година го потпиша барањето до Европската комисија за пред финансирање во износ од 52,5 милиони евра, со што Северна Македонија стана првата земја од Западниот Балкан која ги презеде сите неопходни чекори за исплатата на првите средства од Инструментот за реформи и раст.

Идејата на Планот за раст на Европската комисија е со исплата на средствата во износ од шест милијарди евра, во форма на грантови и заеми под поволни услови, до 2027 година, да се овозможи двојно зголемување на економскиот раст на регионот во наредните десет години.

Би можело да ве интересира

Ѓорѓиевски: Скопје ќе ја добие првата подземна сообраќајница и три нови кружни текови

ДКСК: Со изземање на службеното лице ќе се избегне директно или индиректно влијание врз носењето на одлуката на Комисијата за избор на кандидати за судија во Европскиот суд за човекови права

ДИК ги прогласи Локалните избори 2025 за конечно и официјално завршени

Одложено судското рочиште за случајот со прегазениот пешак кај Паркот на Франкофонијата

Незапаметен напад од мечка на жител од долненското село Секирци

Доделена годишната Награда на најдобрите научници и уметник на УКИМ за постигнати врвни резултати во 2024 година