Вработените во територијалната противпожарна единица од Гевгелија денеска стартуваа со реализација на проектот за едукација на најмладите како да се заштитат од пожари.
Пожарникарите од Гевгелија првото предавање денеска го одржаа пред учениците од основното училиште „Владо Кантарџиев“, на кои им презентираа и практични вежби за нивна поголема едукација во случај на пожар.
– Учениците навистина покажаа неочекувано голем интерес за нашето предавање и вежбите што беа изведени, а покрај тоа се интересираа и за мерките што треба да ги преземаат за заштита од пожари, како и за превенцијата од нив, задоволно констатираа пожарникарите.
Од ТППЕ Гевгелија соопштија дека вакви едукативни средби во рамки на проектот ќе организираат во сите основни училишта на територијата на општина Гевгелија и во општините Богданци и Дојран.
Претходно вакви средби биле организирани и со вработените во повеќе гевгелиски стопански објекти.