На денешен ден пред една година во оружената пресметка во кумановската Дива населба, која траеше два дена, животот го загубија осум припаници на Министерството за внатрешни работи, а четириесеттина беа повредени.
Акцијата заврши откако македонските специјални сили целосно ја неутрализираа и елиминираа терористичката група, од која дел им се предадоа на македонските власти.
Загинаа осум припадници на специјалните единици на македонската полиција, а беа повредени четириесеттина полицајци во уличните борби низ тесниот и густо населен урбан дел на оваа приградска кумановска населба.
Во престрелките животот го загубија Љубиша Аранѓеловиќ, Бобан Ивановиќ, Горан Илијевски, Жарко Кузмановски, Исамедин Османи, Сашо Самојловски, Ненад Серафимовски и Горан Стојменовиќ кои минатата недела посмртно беа одликувани со „Медал за храброст“ за покажаната исклучителна храброст и самопрегор во одбрана на територијалниот интегритет и суверенитет на Република Македонија од страна на претседателот Ѓорге Иванов.
Во оружената престрелка покрај осумтемина припадници на полициските сили, беа убиени и 10 припадници на вооружената група.
Годишнината од загинувањето на припадниците на безбедносните сили денеска ќе биде одбележана со низа активности на кои покрај блиските и роднините на загинатите ќе присуствуваат и делегација на Министерството за внатрешни работи предводена од министерот Оливер Спасовски, директорот на Бирото за јавна безбедност, Горанчо Савовски и високи полициски старешини заедно со командантите на Единицата за брзо распоредување и Единицата за специјални задачи.
За настаните во Дива населба, во скопскиот Кривичен суд се води судско рочиште против 29 лица кои се товарат за сторени кривични дела „Терористичка организација” и „Тероризам”. Сите 29 обвинети за кумановските случувања пред Судот се изјаснија дека не се чувствуваат виновни.
Обвинителството досега повика околу 40 заштитени сведоци, а сведочеа и неколку жители на Дива населба, како и роднини на обвинетите.