Петтиот музички хепенинг „Биди и ти дел од ѕвезденото небо на Тоше“ во организација на обожавателите на Тоше Проески ќе се одржи денеска од 19.30 часот на плоштадот „Македонија“.
– Дојдете да ја исполниме неговата желба, секоја година да не има во што поголем број.
Заедно да се сеќаваме, пееме и да го славиме животот на нашата најголема музичка легенда Тоше Проески. Тагата никогаш нема да запре, но неговата големина секогаш ќе ги грее нашите срца, соопшти фан-клубот на Тоше.
Ѕвезденото небо се одржува секоја година на 5 октомври во сеќавање на последниот концерт на најголемата македонска музичка ѕвезда, одржан на 5 октомври 2007 година на Градскиот стадион во Скопје. Оваа година е поместен за ден подоцна зашто в сабота во центарот на Скопје ќе се одржува манифестацијата „Бела ноќ“.
Во Домот на АРМ в вчера од 9 до 18 часот беше организирана и крводарителската акција „Јас штотуку спасив живот, а вие?”, на која имаше изложба на уметнички слики со ликот на Тоше од младиот уметник Александар Поповски.
– Хуманоста не смее да биде наша обврска, хуманоста треба да стане наше задоволство и духовна храна. И овојпат да покажеме дека во Скопје и Македонија живеат граѓани кои на дело ја изразуваат својата хуманост следејќи го примерот на нашиот Тоше, апелираат обожавателите.