ДЗР: Договорот за реконструкција на Античкиот театар Скупи реализиран само 7,56 проценти

Од:

Без обезбедени средства во буџетот на Управата за заштита на културното наследство, реализацијата на договорот од 523 милиони денари за повеќегодишната градба на Античкиот театар Скупи е бавна. Од 2016 година до крајот на 2019 година реализирано е само 7,56  проценти од договорот, објави денеска Државниот завод за ревизија.

Во текот на минатата година Државниот завод за ревизија извршил ревизија на финансиските извештаи заедно со ревизија на усогласеност за 2019 година кај Управата за заштита на културното наследство и, како што соопшти денеска, изразил неповолно мислење за вистинитоста и објективноста на финансиските извештаи како и за усогласеност со закони и прописи.

Ревизорите со извршената ревизија, како што стои во соопштението, констатираат дека Управата нема изготвено Годишен извештај за работењето кој треба да биде доставен до Владата на РСМ, ниту пак Национална стратегија за заштита на културното наследство која се донесува за период од 5 години и која треба да содржи долгорочни основи на политиката за заштита и користење на културното наследство.

Управата за заштита на културното наследство со буџетот за 2016 година има планирано проект за истражувања, заштита, конзервација, реставрација, реконструкција и презентација на Античкиот театар Скупи, за кој Владата на РСМ има дадено согласност за спроведување на постапка за повеќегодишна јавна набавка, од 2016 до 2019 година во висина од 523 милиони денари во обем и динамика утврдени согласно мислењето на Министерството за финансии.

Ревизорите во објавениот конечен ревизорски извештај констатираат состојби во однос на реализацијата на проектот: Со увид во буџетот на Управата за 2016, 2017, 2018 и 2019 година, ревизијата утврди дека не се планирани средства во износ утврден во мислењето на МФ, по кое се дава согласност за реализација на оваа повеќегодишна постапка за јавна набавка; Без добиено одобрение за градење изведувачот е воведен во работа што не е во согласност со член 56 од Закон за градење; Од страна на изведувачот во септември 2019 година е испратен допис до Управата со кој се известува за малиот процент на реализација на договорот и се истакнува дека извршени се сите подготвителни работи, но до датумот кога е доставен дописот нема инструкции кога и на кој начин ќе се продолжи со проектот и Необезбедувањето на средства во буџетот на Управата за повеќегодишната градба на Античкиот театар Скупи придонело реализацијата на договорот до крајот на 2019 година да е само 7,56 проценти, стои во соопштението.

Дополнително, се наведува дека ревизорите утврдиле дека од програмата за Возобновување на Св. Климентовиот Универзитет на Плаошник, од 2010 година до денот на ревизијата, потрошени се средства  во износ од 748 милиони  денари. За тој проект се склучени два основни  договора по спроведени постапки за јавни набавки за кои во текот на годините се склучени повеќе анекси. За овие постапки, посочува ДЗР, утврдени се повеќе слабости во делот на непочитување на одредбите од Законот за јавни набавки, Законот за градење и одредбите на склучените договори. Резултат на ваквата состојба е пролонгирање на роковите за изградба на објектите, како и поскапување на градбите за што се потрошени повеќе буџетски средства во услови кога објектите сеуште не се во функција.

Од ДЗР информираат и дека во деловните книги на Управата, на позицијата материјални средства во подготовка, не се евидентирани градежните објекти во износ од 752 милиони денари во периодот додека тие се наоѓаат во изградба, односно за извршената реконструкција и адаптација не е извршено зголемување на вредноста на градежните објекти. Со извршената ревизија е утврдено дека Управата нема извршено попис на средствата и изворите на средствата согласно законските и подзаконските акти, поради што не е усогласена сметководствената со фактичката состојба.

Во делот од ревизорскиот извештај кој се однесува на Нагласување на прашања за неизвесност и континуитет, обелоденети се состојби кои можат да предизвикаат идни финансиски импликации. Конкретно, во тек се судски постапки кои се водат против Управата, за кои постои неизвесност од конечниот исход и има можност од дополнително оптоварување на буџетот на Управата со камати и судски трошоци и изградбата на објектот Возобновување на Св. Климентовиот универзитет – Плаошник како нова градба не е во надлежност на Управата согласно Законот за заштита на културното наследство.

Во делот на останати прашања ревизијата констатирала дека е неопходно надлежните органи да преземат активности за доуредување на законската регулатива во делот на основање на Управата како орган во состав на Министерството за култура.

Би можело да ве интересира

Клиниката за очни болести наплатила 65.000 евра помалку за болничко лекување од 1.579 пациенти, утврдија ревизорите

A1on

Детска клиника: Ревизијата е за 2022 година, за 2024 ќе се обезбеди трикафта за сите

A1on

Трикафта има само за 15 од вкупно 140 пациенти со цистична фиброза

A1on

За десет години изградени помалку од 40 километри од автопатот Кичево-Охрид за што се потрошени 430 милиони евра, утврди ревизијата на ЈПДП

A1on

Апаратите за магнетна резонанца не се искористени, нема доволно кадар – извештај на ревизорите

Владата го трошела буџетот на одделни институции, долгот зголемен за 567 милиони евра, утврдија ревизорите

A1on