Управата за финансиска полиција поднесе кривична пријава против седум лица за продажбата на парцели на ЕВН во Делчево за изградба на фотонапонски централи. Седумтемина од кои двајца управители во ЕВН, биле роднински и пријателски поврзани. Успеале да убедат сопственици на приватно земјиште во Делчево да им биде откупен имотот по одредена цена, но да се согласат во документите да стои дека го подаруваат. Подарениот имот за неколку дена го продале на ЕВН за 1,5 милион евра.
„Првопријавениот и второприjaвениот во својство на управители на ЕВН-Електрани Македонија свесно и со однапред утврдена намера со изготвување на анализи на трошоци и добивки со лажни податоци, прикривајќи суштински факти, лажно презентирајќи несоодветни земјишта како да се соодветни за намената за која се купуваат поради фактот што одредени земјишта не ги исполнуваат условите за пренамена на земјоделско во градежно земјиште и одредени земјишта се во несоодветна категоризација на земјиште за намена за која се купуваат, презентирајќи пазарни цени кои не соодветствуваат со реалните пазарни цени на земјиштата за конкретната категоризација и класа на земјишта прикривајќи го фактот дека пријавените физички лица-продавачи се меѓусебно поврзани, го довеле во заблуда Управниот одбор на ЕВН да донесе одлука за склучување договори за купопродажба на недвижен имот за изградба на фотонапонски централи“, соопшти Управата.
„А1он“ веќе објави дека Мирослав Митровски, синот на поранешниот градоначалник на Ѓорче во три мандати Сокол Митровски, е дел од мрежата вработени во ЕВН Електрани Македонија кои земјиште прикажано како дар, неколку дена по дарувањето го купиле за 1,5 милион евра. Митровски и Игор Гиевски како управители ги потпишале договорите за купопродажба на земјоделското земјиште во Делчево што го купила компанијата ЕВН. Преговорите за купопродажбата ги почнале уште пред тројцата продавачи на земјиштето, физички лица блиски на ВМРО – ДПМНЕ, да станат негови сопственици.