„Дурмо турс“ сам на себе си вршел технички преглед – двете фирми со ист сопственик

Од:

Исправноста на автобусите на туристичката агенција „Дурмо турс“ се проверувала во фирмата „АМЗ Гостивар“, која има ист сопственик. МВР за „А1он“ потврди дека техничкиот преглед на автобусот што учествуваше во несреќата, при што загинаа 14 луѓе, е извршен во „Авто-мото Гостивар“.

Според информациите од Централниот регистар, Дурмиш Белули е сопственик и на „Дурмо турс“ и на станицата за технички преглед „АМЗ Гостивар“.

Дурмиш Белули не сакаше да даде изјава за „А1он“. Тој не одговори на телефонските повици, ниту на СМС-пораките во кои поставивме прашања поврзани со несреќата.

Директорот на Државниот инспекторат за транспорт, Руфат Хусеини, вели дека немаат ингеренции врз станиците за технички преглед.

„Во нашиот закон не е обработено дали еден газда може да има станица за технички преглед и истовремено да биде превозник. Кај нас во законот стои дека ние при контролите треба да утврдиме дали возилото е регистрирано и дали е извршен технички преглед. Такви документи при контролите утврдивме дека ‘Дурмо турс’ има. Станиците за технички преглед се обврска на Министерството за внатрешни работи“, изјави директорот Руфат Хусеини за „А1он“.

Екипа од Инспекторатот вчера излегла на местото на несреќата, но поради истрагата на Обвинителството, не правеле увид. Директорот Хусеини вели дека документот од извршениот технички преглед треба да стои во автобусот како дел од задолжителната документација.

И од Министерството за транспорт и врски велат дека немаат надлежност да утврдат дали е дозволено ист газда да има станица за технички преглед и да биде превозник. Велат дека нивната надлежност за „Дурмо турс“ е само административна.

„За оваа компанија во наша надлежност се само лиценците и дозволите. Бидејќи ги исполниле сите услови, на ‘Дурмо турс’ му се издадени четири лиценци, две за внатрешен и две за меѓународен превоз. Има две дозволи за внатрешен превоз. Едната за релацијата Гостивар-Скопје, каде што се случи несреќата, има важност до 3.7.2020 година, а втората дозвола, исто така за Гостивар-Скопје, е со важност до 18.2.2023 година. Двете лиценци за внатрешен превоз се со важност до август 2021 година, а до 2021 година им важат и лиценците за меѓународен превоз“, велат од Министерството за транспорт и врски. Таму немаа податок колку се стари 40-те автобуси на „Дурмо турс“, но нагласија дека само еден има мотор со Евро 2-стандард, а сите други имаат Евро 3-мотори.

Од Министерството известија дека „Дурмо турс“ има 18 линии за меѓународен превоз и 36 сертифицирани возачи.

Кристијан Ландов и Маја Илиевска – Пачемска

Би можело да ве интересира

Возач загина на стариот пат Ѓавато-Тополчани

Учесник во сообраќајка побегна од местото на несреќата, полицијата го приведе

А1он

Тешка сообраќајна несреќа во Струмица, повредени неколку лица

А1он

Тешко повредена малолетна девојка во сообраќајна несреќа меѓу тротинет и автомобил

А1он

Сообраќајна несреќа на експресниот пат Штип-Радовиш, повредена 21 годишна девојка

Предраг Петровиќ

Малолетник е тешко повреден во сообраќајка во скопското село Мојанци