Демократската унија за интеграција во рамки на предизборната кампања вечерва одржа митинг во Струга. Лидерот на ДУИ, Али Ахмети порача дека Струга за градоначалник треба да го добие најдобриот кандидат кој ќе се зафати со вистинските проблеми.
– Локалните избори не треба да се политизираат, туку треба да бидат одраз на реалните состојби во општината. Ние не се плашиме од нашите сограѓани Македонци, само бараме еднаквост и да нема дискриминација. Народите кои живеат на овие простори не сакаат дискриминација и војни. Нив ги создаваат луѓето кои имаат претензии, истакна Ахмети.
Тој посочи дека треба да се почитува гласот на народот, затоа што тој што ќе победи, како што рече, ќе биде градоначалник на сите граѓани и треба да ги почитува сите граѓани.
– Градоначалникот има одговорност да ја гради и развива Струга. Таа не треба да се дели на албанска, македонска, ромска. Струга е на стружани. Струга е на мнозинството во Струга, тоа не може да се негира и треба да се почитува од сите, додаде Ахмети.
На митингот беа претставени кандидатите за советници на коалицијата ДУИ, ПЕИ и Нова демократија и кандидатот за градоначалник Арбен Љабеништа.
– Ќе работам посветено Струга да биде поубаво место за живеење, за подобра иднина на нашите деца. Ќе се залагам за изградба на инфраструктура, нови патишта, за подобрување на условите во образованието, културата, уметноста, спортот. Ќе правиме убави работи за сите граѓани, рече Љабеништа.