Државата троши по 9.500 евра по затвореник годишно

Од:

Според податоците од Управата за извршување на санкции, вкупната сума што се издвојува за сите казнено-поправни установи и воспитно-поправниот дом Тетово во земјава изнесува 1.119.634.000 денари или 18,2 милиони евра. Од нив, половина се наменети за затворска полиција и затворските службеници 555.675.000 денари, а околу 18 проценти или 199.500.000 денари за подобрување на условите во затворите.

Во 2020 година во затворите низ земјава имало вкупно 1.901 затвореник или пополнети биле 89 проценти од вкупниот капацитет на затворите, кој што, според податоците од Управата за извршување на санкции е 2.113 лица – со тоа што за секое лице просечно да има најмалку 4 метри квадратни или девет метри кубни простор.

Според тоа, државата годишно секој затвореник во просек ја чини 588 илјади денари или 9.500 евра.

Вкупниот капацитет на сите затвори низ државата во 2020 година не бил целосно искористен, пренатрупаност има во три затвори, и тоа во Затвор Штип, каде биле сместени 225 лица или 161 процент од неговиот капацитет од 139 лица, потоа Затвор Тетово, кој има капацитет за 48 затвореници, а биле сместени 70 лица или 145 проценти, и Затвор Прилеп, со пополнетост од 102 проценти на неговиот капацитет од вкупно 108 затвореници, а биле сместени 111 затвореници.

Затворската популација во земјава во последните неколку години има тренд на намалување, на ниво на државата, сепак, проблемот со пренатрупаноста во затворите во Штип и Тетово се повторува.

Вкупниот број на затвореници во 2017 година изнесувал 2.763 лица, што е 130 проценти во вкупниот капацитет на затворите. Таа бројка е во постојан пад и од 92 проценти пополнетост во 2018 и 91 процент во 2019 година, се намалува на 1.901 затвореник или пополнетост од 89 проценти во 2020 година.

Затворот во Штип има капацитет за 139 затвореници, но постојано се соочува со пренатрупаност. Иако, бројот на затвореници се намалува од 309 или 222 проценти пополнетост во 2017 година на 225 затвореници или 161 процент пополнетост во 2020 година.

Затворот во Тетово, исто така, се соочува со пренатрупаност. Иако со капацитет за 48 затвореници, во него во 2020 година биле сместени 70 затвореници, што е пополнетост од 145 проценти. Тоа е раст во споредба со 2019 година, кога има пополнетост од 137 проценти и имал 66 затвореници.

Најмала искористеност на капацитетите во 2020 година имаат затворите во Охрид – пополнетост од само 14 проценти, Гевгелија – 57 проценти и Струга и Куманово со по 76 проценти искористеност.

Во однос на прашањето зошто не се врши распределба на затворениците во затворите кои што имаат повеќе слободен капацитет од Управата за извршување на санкции велат дека за тоа треба да се исполнат одредени услови од безбедносен аспект.

– Во преговори сме затворот во Охрид да премине во КП установа од полуотворен тип, КП Прилеп е од лани преименуван од КП установа во КП дом и размислуваме на тема да, еден од постоечките затвори од полуотворен тип, да премине во Установа од затворен тип, меѓутоа, за тоа треба одредени услови да се исполнуваат, пред сѐ тука мислам од безбедносен аспект, вели Спасовски.

Северна Македонија има 105 затвореници на 100 илјади жители, Црна Гора – 172, Хрватска – 84

Според податоците од Worlds Prison Brief, на лондонскиот Институт за истражување на криминал и политика за правда – ИЦПР, Северна Македонија во 2020 година имала 2.175 затвореници, вклучително лица во притвор, или 105 затвореници на 100.000 жители. Од нив 3,3 проценти се жени, 0,1 процент малолетници, а 6,5 отсто странски државјани.

Во земјите од регионот најмногу затвореници на 100.000 жители имаат Црна Гора – 172, Албанија – 164 и Србија – 158. Потоа следат, Бугарија – 109, Грција – 107, Северна Македонија – 105, Косово – 103 и Хрватска со 84 затвореници на 100 илјади жители.

Во Европа најмногу затвореници на 100 илјади жители имаат Белорусија – 345, Турција – 335 и Русија – 330, додека најмалку затворници на 100 илјади жители имаат Германија – 69, Финска – 53, Норвешка – 49 и Исланд – 33.

Би можело да ве интересира

Добитниците на Нобеловата награда бараат ослободување на политичките затвореници во Белорусија

Затвореници во Германија одбија амнестија, сакаат Божиќ да го поминат во затвор

Горан Наумовски

Повеќето од палестинските затвореници кои можат да бидат ослободени се тинејџери

Горан Наумовски

Командири му платиле по 2.000 евра на затвореник кој ги измамил ветувајќи им унапредување: Вонреден надзор во Идризово

Орце Костов

Тројца затвореници избегале од КПД „Идризово“, полицијата ги фатила и ќе бидат вратени во затворот

Приведени две лица по распишани централни потерници, за издржување на затворски казни