Државата ќе финансира спомен обележје за настраданите во пожарот во Кочани

Од:

Средства за изработка на идејно решение и почнување активности за изградба на спомен обележје за починатите во пожарот во Кочани треба да се обезбедат со Предлог-одлуката за прераспределба на средства помеѓу буџетските корисници на централната власт и помеѓу фондовите за 2025 година, што денеска доби поддршка од матичната собраниска комисија.

Со предложената прераспределба на буџетски средства ќе се обезбедат 600 милиони денари за инфраструктурни и капитални проекти за развој на општините, како и 242,3 милиони денари за исплата кон заштитни друштва по основ на поврат на платени придонеси.

Предлог-одлуката без расправа доби поддршка во собраниската Комисија за финансирање и буџет, чии членови на предлог на пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ Миле Лефков поддржаа и амандман со неа да се опфатат и средства за спомен обележјето.

Лефков во образложение на амандманот рече дека одлуката е во координација со семејствата на настраданите во пожарот од 16 март годинава во кој загинаа 62 лица, а околу 200 се повредени, а произлегува, како што рече, од нивната и нашата заедничка желба барем дел од болката да преточиме во достоинствено сеќавање, а трагедијата никогаш да не се повтори.

– Сакаме да оддадеме почит но и оставиме траен белег што ќе повикува на одговорност и безбедност на идните генерации. Барањето е овој споменик да биде поставен во централното градско подрачје, таму каде што ќе биде видлив како жив спомен, но и како предупредување. Ова не е момент за политика, ве замолувам сите за поддршка, ова е момент заедништво, почит и сеќавање, рече Лефков.

Заменик министерот за финансии Николче Јанкуловски во образложение на Предлог-одлуката соопшти дека со неа се врши релокација на редства во износ од околу 600 милиони денари наменети за инфраструктурни и капитални проекти за развој на општините, согласно објавениот повик и утврдени критериуми од страна на надлежните министерства.

– Поддршката на локалниот развој преку проекти во општините ќе има позитивно влијание врз економската активност, развојот во општините и зголемување на квалитетот на животот на граѓаните, рече Јанкуловски.

Тој соопшти дека со Предлог-одлуката се релоцираат 242,64 милиони денари од Министерството за економија и труд во Министерството за социјална политика, демографија и млади, а ќе се искористат за исплата кон заштитни друштва по основ на поврат на платени придонеси.

Со Предлог-одлуката, се кратат средства од Потпрограма Д5 на Владата – Привлекување на странски директни инвестиции и развој на слободната економска зона, односно Ставката 464 – Разни трансфери за 583.601.000 денари и кај Министерството за економија и труд, во Потпрограма 60 – Развој на политики од областа на трудово право, социјална заштита и вработување, Ставката 464 – Разни трансфери за 242.264.000 денари. Воедно се предлага зголемување на средства кај Министерството за социјална политика, демографија и млади, во Потпрограма 50 – Надоместоци за социјална заштита, Ставката 464 – Разни трансфери за 242.264.000 денари, во Потпрограма АА – Инфраструктурни проекти во општините, Ставката 488 – Капитални дотации до ЕЛС за 100.000.000 денари, во Министерство за образование и наука, во Потпрограма АА – Инфраструктурни проекти во општините, Ставката 488 – Капитални дотации до ЕЛС за 361.185.000 денари, кај Министерство за спорт, во Потпрограма АА – Инфраструктурни проекти во општините, Ставката 488 – Капитални дотации до ЕЛС за 62.416.000 денари, како и кај Финансирање на дејностите од областа на културата, во Потпрограма АА – Инфраструктурни проекти во општините, ставката 488 – Капитални дотации до ЕЛС за 60.000.000 денари.

Предложената прераспределба на буџетските средства е на дневен ред и на денешната 56. седница на Собранието.

Би можело да ве интересира

Левица: Комисии за боледување наместо лекување – административна тортура врз повредените во „Пулс“

Сиљановска-Давкова: Трагедијата во Кочани ќе нè следи цел живот, да не ги заборавиме нивните најблиски и повредените, а најмногу – правдата

Горан Наумовски

Сведок во процесот „Пулс“: Не барам сожалување, барам да ја признаете вината, нашите деца не починаа од природна смрт

Судење „Пулс“: Мајка на загинатиот 24-годишен Андреј вели „Кристијан до ден денеска има кошмари и ја преживува таа вечер“

Горан Наумовски

Во ќелијата на „Газда Деко“ е пронајден мобилен, судијката само го опомена сопственикот на дискотеката „Пулс“

Горан Наумовски

Судење „Пулс“: Сведокот Николов тврди – видов дим и се слушаа чудни звуци, тогаш сфатив дека е нешто сериозно