Врнежите од дожд и снег кои паѓаат изминатите десетина дена, а особено во последните 48 часа, ги зголемија водостоите на водотеците и суводолиците во земјава. Најголеми покачувања на водостоите има во источните и јужните делови од државата, а излевања на реките се забележани во сливовите на реките Брегалница, Струмица и Крива Река.
Управата за хидрометеоролошки работи соопшти дека високи водостои има и кај Пчиња, Треска, Црна и Боротинска река, а појава на заезерување има во Пелагонија и Струшкиот регион.
– Во моментов бележиме намалување на водостоите од горните сливни подрачја, и сеуште високи водостои во долните сливни подрачја и тоа кај реките Пчиња, Брегалница, Струмица, Црна и Боротинска Река, велат од УХМР.
Оттаму препорачуваат внимателно движење покрај реките и суводолиците поради појава на свлечишта.