Доследна, бескомпромисна и неселективна борба против корупцијата со широка и обврзувачка транспарентност, најави Спасовски

Од:

Доследна, бескомпромисна и неселективна борба против корупцијата со широка и обврзувачка транспарентност е еден од врвните владини приоритети. Таа е заеднички двигател на реформските процеси на повеќе институции, меѓу кои и Министерството за внатрешни работи, а резултатите на таа борба претставуваат резултати на нашата држава во целост! И, конечно, тоа не е борба од денес за утре, со ад хок решенија и резултати, туку цел сет на политики, мерки и активности кои во континутет ги преземаме за да обезбедиме трајни вредности на ова поле за нашата држава.

Ова го нагласи министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски на денешната заедничка прес-конференција со вицепремиерот задолжен за борба против корупцијата и криминалот, одржлив развој и човечки ресурси, Љупчо Николовски и министерот за правда, Бојан Маричиќ.

Спасовски ги оцени како исклучително корисни препораките и насоките добиени од ГРЕКО – тело задолжено за борба против корупцијата при Советот на Европа, за сите нас, како што рече, како институции, кои ги креираме политиките во овој сегмент. Упати благодарност до нив, а посебно за позитивните и охрабрувачки оценки во нивниот Извештај за нашата земја за Петтиот круг на евалуација, усвоен на 87. Пленарна седница на ГРЕКО, кои, подвлече, претставуваат уште една верификација дека сме на вистинскиот пат.

– Тоа, пак, дополнително нè мотивира да продолжиме по тој пат, цврсто решени до крај да го исполниме ветеното – нулта толеранција за корупцијата, нулта толеранција за сите кои ќе го прекршат законот, без исклучок, дециден е министерот Спасовски.

МВР, информира тој, пристапи кон неопходните законски измени, и тоа во Законот за внатрешни работи и Законот за полиција, суштински за успешна имплементација на препораките. МВР формираше експертска група, која подготви измени на Законот за внатрешни работи и на Законот за полиција, целосно имајќи ги предвид Препораките на ГРЕКО, а текстовите на измените се веќе објавени на ЕНЕР и отворени за дискусија и коментари за пошироката јавност, додека во периодот што следи, овие предлог измени ќе влезат во Владина, односно собраниска процедура.

Се очекува, рече министерот Спасовски, предложените законски измени да бидат усвоени од Собранието на Република Северна Македонија најдоцна до септември 2022 година, со што овие препораки, вкупно 6 ќе бидат оценети како целосно имплементирани, охрабрува констатацијата на ГРЕКО дека законските измени кои МВР ги има подготвено се во насока на деполитизација на полицијата.

– Предвидуваат Оперативните наредби на полицијата да бидат издавани од Директорот на БЈБ, наместо од министерот за внатрешни работи, нови, дополнителни професионални и објективни критериуми за избор на директор на БЈБ, забрана за полициските службеници да членуваат во политички партии или да бидат носители на партиски функции, задолжителен тест за интегритет за сите кандидати за полициски службеници и вработени во МВР, редовна и континуирана проверка на интегритетот на сите постојни полициски службеници и вработени во МВР, како и проширување на бројот на вработени во МВР кои ќе бидат обврзани да поднесуваат изјави за имотна состојба и конфликт на интереси, а кои во овој момент не се опфатени со Законот за спречување на корупција и судир на интереси, појасни министерот Спасовски.

Според оценката на ГРЕКО, потсети Спасовски, успешно се исполнети препораките за јавно објавување на сите претставки и предлози покренати за дисциплинска и кривична одговорност на полициските службеници, назначување на посебни лица за интегритет во рамки на МВР и континуирани обуки на сите политички службеници во врска со јакнењето на нивниот интегритет и спречувањето на конфликтот на интереси, и измена на етичкиот кодекс на полициските службеници, со што сега се регулирани прашањата за конфликт на интереси, случаи на корупција и примање дарови од страна на полициските службеници.

Во Извештајот на ГРЕКО, спомена тој, се потенцира дека процесот на подготовката на новиот Етички кодекс на полициските службеници во МВР е целосно инклузивен, со вклучување на полициски службеници од сите нивоа, како и со претставници на синдикатот и од граѓанскиот сектор, што претставува уште една афирмација за нас. Притоа, истакна Спасовски, кодексот содржи јасни одредби, но и адекватни практични насоки за почитување на етичките стандарди и ги регулира прашањата за конфликт на интереси на полициските службеници, примање подароци, известување за неетичко однесување и сл.

– Како што можете да забележите, исполнувањето на добар дел од препораките е во тесна врска и претставува уште еден чекор напред во континуираниот процес на ветинг на полициските службеници, за што се заложив уште со моето доаѓање на чело на МВР, а сè со цел да се зацврсти интегритетот на полицајците и нивната отпорност кон какви било влијанија кои се спротивни на законите. Односно, да имаме декриминализирана и депаритизирана полиција која ќе го штити интересот на граѓаните и полицајци кои професонално и одговорно ќе си ја вршат својата задача, порача Спасовски.

Во оваа насока, уште еден позитивен сигнал од ГРЕКО, потенцира министерот Спасовски, е и оценката за соодветна надворешна контрола врз полициските сили, и тоа од страна на Омбудсманот и посебното одделение во Основното јавно обвинителство за организиран криминал и корупција.

Од страна на ГРЕКО е препознаена и особено истакната позитивната транспарентност на МВР, преку целосно имплементирање на нивната препорака бр. 11 за јавно објавување на буџетот на МВР, активностите, одлуките, управните постапки и јавните набавки на Бирото за јавна безбедност, како една од „најтајните структури на владите“, воопшто, според зборовите на ГРЕКО.

– Сега, овие податоци на МВР се целосно јавно објавени и лесно достапни за сите граѓани. Со ваквата транспарентност продуциравме квалитетно, прецизно презентирање, односно гласност во нашето институционално функционирање, а бенефитот е заеднички и повеќезначен: како за институцијата, така и за јавноста, за граѓаните, рече министерот Спасовски.

Актуелното раководство на МВР, но и севкупниот организациски систем на ресорот, најави Спасовски, продолжуваат со несмалена динамика за натамошно профилирање и имплементирање а сите нужни стандарди, особено во делот на борбата против корупцијата, како во самиот систем на полициското функционирање, така и генерално, во поглед на спроведувањето на законите.

Би можело да ве интересира

Пивоваров: Полиграфска проверка на службениците на границите, како мерка за сузбивање на корупцијата

Антикорупциска испитувала непотизам на битолскиот универзитет: Вработен професор кој бил второрангиран

Напредок од два индексни поени и девет позиции на Индексот на перцепција на корупција за 2023

Јан Коп до Ахмети: Посветеноста за членство во ЕУ е загрозена поради падот на владеењето на правото

Грковска-Нефју: САД ја продолжуваат поддршката на Македонија за спречување на корупцијата

Орце Костов

Кржалоски: На пола милион граѓани им било побарано мито, само четири судски пресуди се однесуваат на поткуп