ДОМ ги прашува четирите преговарачки тима од пржинскиот процес, зошто се заборавија над 6.000 граѓански пријави до ДИК за фантомски гласачи? Меѓу нив е и пријавата од ДОМ за неколку десетици непостоечки лица, или иселени пред повеќе децении во странство, или реални лица на погрешни адреси. Ниедно од пријавените лица не беше ставено на списокот од 89.384 сомнителни гласачи кои теренски се проверуваа! За ова реагиравме во повеќе наврати, но од ДИК не добивме одговор.
На пример, ДИК не сметал дека треба да се проверат имињата на оние 18 лица кои не живеат во Центар, Бул. Партизански одреди бр.8, ниту оние 7 лица во Гази Баба, ул. Антон Попов бр.11. Не беа на списокот за проверка ни лицата сместени во празни куќи во Гази Баба на ул. Перо Наков бр. 104 и бр.106, ниту иселените лица во Ѓорче Петров, ул. 4 Јули, бр.42 (3 лица иселени пред 25 години во Германија), на ул. Борис Сарафов бр.42 (5 лица иселени пред 20 години) и многу други.
Ја потсетуваме јавноста дека во процесот на јавен електронски увид во избирачкиот список во март оваа година, секој граѓанин можеше да пријави неправилности за себе или за друго лице. Пријавите беа масовни, медиумите известуваа за пронајдени избирачи во туѓи станови, ходници, амбасади, бензиски пумпи и празни објекти. За жал, најголем дел од овие лица не се ставија на списокот за проверка. Наместо тоа, мнозинството од ДИК, објави список од 89.384 „спорни“ гласачи, на коj намерно беа ставени и луѓе кои живеат на своите адреси со години. Целта беше да се исмее укажувањето на опозицијата дека избирачкиот список е дефектен и преполн со измислени гласачи, а истовремено да предизвика револт кај чесните граѓани на кои им доаѓаа во „проверка“ екипи од ДИК.
Добро е што се приближиле партиските ставови за 40.000 лица кои не биле најдени при проверката, како и за 172.000 иселени лица во странство. Но не смеат да се заборават ни граѓанските пријави до ДИК за фантомски гласачи, како ни бројката од 35.859 починати лица, која ја соопшти ДИК во целосен состав!
Граѓаните заслужуваат целоснo прочистен избирачки список, за да се стави оваа тема “ад акта“, реагираат од ДОМ.