Делегација од ДОМ со претседателката Лилјана Поповска и пратеничката Маја Морачанин ги посети Битола и Прилеп за подготовка за локалните избори. Со општинските организации разговараа за политичката ситуација и за локалните приоритети на ДОМ.
Како што истакна Поповска за локалната телевизија, локалните избори се неизбежни и партијата мора да биде подготвена, поради што започна обиколка на локалните ограноци. Морачанин, пак, ги истакна зелените програмски приоритети: измени во урбанизмот и градењето, масовна примена на зелената економија која ги отфрла валканите технологии, како и рамномерен регионален развој и дескопјанизација.
Во Битола беше истакнат нерешениот проблем со загадувањето на воздухот од РЕК, но и нараснатиот проблем со дивите депонии околу градот на конзулите, што е документирано и со фото-албум. Ќе следуваат и еколошки акции за нивно расчистување.
Делегацијата се запозна и со работата на здружението на пчелари од подпелистерското Дихово, кои се борат за зачувување и зајакнување на автохтоната пчела, во заштита на биодиверзитетот. Тие со голем ентузијазам го промовираат и т.н. апи-туризам, единствени досега во Македонија, со организирани посети на местата на производство на мед и негова дегустација.
Во Прилеп беше искажана големата загриженост поради облаците со прашина што доаѓаат од РЕК Битола и потребата да се постави мерна станица за следење на загадувањето на воздухот. Во прилог на зголеменото загадување оди и дивата сеча во околината на градот, која соголува цели појаси зеленило, за што е потребна итна реакција од шумската инспекција.
Членовите на ДОМ-Прилеп работат на двете иницијативи, почнувајќи со прибирање информации од направените мерења и студии на овие теми, се вели во соопштението на ДОМ.