Пратеничките од ДОМ, Лилјана Поповска и Маја Морачанин, поднесоа 60 амандмани на Законот за урбанистичко планирање.
Со нив предлагаат внесување на суштински одредби од законите за урбано зеленило, природа и животна средина, како заштитна брана пред цунамито на урбаната експанзија.
„Не може во Закон за урбанистичко планирање да не се дефинирани категориите „урбано зеленило“ и „зелен катастар“, да ги нема стандардите и нормативите за задолжително зеленило, ниту документацијата за урбано зеленило што треба да ја содржат урбанистичките планови.
Не може Владата ДА НОСИ урбанистички планови за „објекти и градби од државен интерес“, меѓу кои рудници, брани и хидроцентрали, кои е дозволено да се градат секаде, па и во заштитени подрачја, во национални паркови, спротивно на законите за заштита на природата и животната средина! Не може јавниот интерес да не биде основно начело на Законот и приватниот интерес да биде над него!
Не може процедурите за носење на урбанистички планови да одат со скратени рокови, без доволно време и транспарентно информирање на јавноста за нив! Не може движењето со велосипеди да не биде предвидено како интегрален дел од сообраќајот!
Севкупно, има премногу прашања што не се соодветно третирани во предложениот закон и затоа Поповска на собраниската јавна расправа предложи Законот да се врати на доработка и внесување на суштинските забелешки“, соопштуваат од ДОМ.
Во амандманите што се предложени од ДОМ има и предлози од неколку граѓански организации, како „Охрид СОС“, „Здравје пред профит“, „О2 Иницијатива“, Асоцијација на архитекти на Македонија, „На точак“ и др.