Делегација на ДОМ со претседателката Лилјана Поповска ги посети Валандово, Дојран и Гевгелија и на средби со активисти и граѓани разговараше за штетите врз природата и здравјето од отворањето рудници во околината.
Граѓаните на Валандово и Дојран се загрижени од најавата за отворање на рудникот Казандол за бакар на стотина метри од првите куќи. Не веруваат во ветувањата за најмодерна технологија со максимална заштита и стравуваат од штетни последици по нивното здравје и земјоделството во валандовско-дојранскиот регион, соопштуваат од ДОМ.
Димче Балевски, најголемиот производител на органски производи, зборува како дел од граѓанската иницијатива за спас на Валандово: „Само 200 метри од планираниот рудник се наоѓаат изворите на вода за пиење, која би се загадила со отровни тешки метали и киселини, а веќе е загадена со хром од стариот рудник. Валандово и сега е на прво место во Македонија по број на заболени од рак! Најголем извозник на бакар во светот е областа Катанга во Конго, Африка. Ние не сакаме Македонија да стане Катанга!“
ДОМ ја поддржува оваа граѓанска иницијатива. Поповска нагласи дека рудниците ќе го уништат земјоделието и туризмот во Валандово, Дојран и Гевгелија.
„Не треба жителите да се залажуваат со отворањето на стотина работни места, туку да бидат свесни за трајната штета за животната средина и здравјето, но и за уништувањето на илјадници работни места во земјоделието и туризмот. Токму таму треба државата да инвестира. Тие дејности не одат заедно! ДОМ и натаму ќе се залага за донесување Закон за почви, за да се знае на каква почва се сади и да се исчистат загадените почви.“
Во Дојран беше истакнат главниот инфраструктурен проблем – нефункционирањето на колекторскиот систем во езерото, на што и ДОМ укажува со години. Зашто, не е доволно надворешното разубавување на Дојран, туку мора да се обезбедат и еколошки услови за живот и престој.
Поповска учествуваше на трибина во Гевгелија, заедно со Пеце Мирчевски од СДСМ и Зоран Шапуриќ од ЛДП, посветена на штетноста од отворањето на рудници за злато на Кожув.
Поповска го кажа партискиот став: „СТОП за златната треска во Гевгелија! Зошто Македонија да ги прими оние фирми кои беа избркани од Романија, Бугарија и Грција при обидот да отворат рудници за злато? Тие земји ја знаат опасноста од цијанидните раствори кои се употребуваат при лужењето, откако во 2000 година се случи еколошката катастрофа во Баја Маре, Романија, со уништување на целиот жив свет вдолж Дунав и притоките. Ова го објаснувавме и лани за рудникот Иловица, Струмичко, но немаше критична маса граѓани што ќе го разберат ова и ќе се спротистават. Во земјава мора да го смениме концептот на развој и од валкани технологии да преминеме кон чисти, кон зелена економија со обновливи енергии, енергетска ефикасност, еко-туризам, органско земјоделие, чистење и одржување на воздух, води и почви, како и паметни технологии.“
На трибината ДОМ изрази поддршка на граѓанската иницијатива против отворањето на рудникот за злато во Гевгелија и апелираше на референдумот што ќе се одржи во недела на 23-ти април, граѓаните масовно да излезат и да кажат НЕ на отворањето рудници, во заштита на природата и своето здравје.