„ДОМ е загрижен што еден ден пред истекот на рокот за усогласување на изборниот пакет, преговарачите од „големата четворка“ не успеваат ни да ги приближат ставовите. Наместо тоа, слушаме чудни предлози за изборен модел со бонус пратеници, за одење на избори со непрочистен список поради „недостиг на време“, без сериозна контрола со отпечаток од прст, за странци во ДИК и сл.
ДОМ не случајно на почетокот на имплементацијата на договорот од Пржино побара транспарентна и аргументирана дебата со вклучување на повеќе партии и граѓански групации. Очигледно е дека на преговорите доминираат теснопартиски надмудрувања и не се води сметка за јавниот интерес.
Час поскоро треба да се организира граѓански трибунал, кој ќе ги следи и јавно дебатира важните процеси на политичката сцена, за да се дојде до состојба на нормалност! Сметаме дека е добра идејата што проструи од Правниот факултет, за да можат граѓаните да ги контролираат состојбите, кои полека навлегуваат во сива зона и се губи довербата во процесот и во некои од протагонистите.
Да повториме уште еднаш:
-ДОМ е за една изборна единица со отворени листи и еднаков број жени и мажи на нив, со електронско гласање на дијаспората.
-ДОМ бара темелна ревизија на избирачкиот список и исфрлање на сите стотина илјади фантомски гласачи, за кои чувме во бомбите.
-ДОМ бара контрола на гласачите со е-отисок од прст.
-ДОМ е против странски државјани во ДИК, за да не се делегитимираме како држава. Тоа не би придонело за поголема објективност на ДИК, туку би било вовед во нови преговори, овојпат, за изборниот резултат! А изборниот резултат не се преговара, ниту се пазари, тој треба да биде само констатиран, според волјата на гласачите“, се вели во соопштението на ДОМ.